Што најмногу им боде очи на Грците од македонскиот Устав

Телевизијата Ал Џезира преку опширна анализа на Џон Псаропулос се осврнува на проблемот на Грција со името на северниот сосед, при што се издвојуваат главните грчки забелешки за македонскиот Устав.

„Преамбулата на Уставот се повикува на ‘македонскиот народ и на неговата вековна борба за национална и социјална слобода’. Таа зборува за ‘Крушевската република’ од 1903 година, револуција со амбиција да ја обедини административната провинција на Отоманската империја, Македонија – која би вклучила и денешна грчка и бугарска територија – преку сецесионистичко движење за независност“, пишува авторот.

„Преамбулата исто така се осврнува на ‘историските одлуки на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија’ (1944), комунистички партизански комитет кој траеше неколку месеци на крајот од Втората светска војна. Тој ги повика ‘етничките Македонци’ во Бугарија и во Грција да се кренат против нивните угнетувачи. Последното ја инаугурира амбициозната политика на маршалот Тито за македонска држава на сметка на грчката територија како начин за обединување на јужниот дел на републиката на јужните Словени (Југославија)“, додава тој.

„Членот 3 од Уставот ја отвора можноста ‘да се сменат границите на Република Македонија’.

Членот 49 вели: ‘Републиката се грижи за статусот и за правата на оние лица што припаѓаат на македонскиот народ во соседните земји’.

Грција е загрижена дека тоа создава изговор за мешање во нејзините внатрешни работи, како и за формирање основа за иредентистички територијални претензии. Како одговор на грчката загриженост, Скопје додаде изјава дека ‘Република Македонија нема територијални претензии кон ниту една соседна држава’, но навредливите параграфи останаа“, пишува Псаропулос.

Авторот на текстот го наведува и писмото од тогашниот грчки министер за надворешни работи Андонис Самарас до неговите европски колеги од 17 јануари 1992 година „за да ги демонстрира иредентистичките импликации од Уставот“.

„Нека те инспирира македонската борба… Само тоа води до ослободување и обединување на сите Македонци… Дозволете вештачките граници што делат брат од брат… да се распаднат“, напишал Самарас.

 

1 Коментар

Оставете Коментар