„Шупотењето“ на Ципрас за Нова Македонија – пишува Горан Момироски

Најголемиот дел од македонските медиуми денеска почна да прославува по изјавата на грчкиот премиер Ципрас кој од Солун даде изјава која што македонските новинари и уредници очигледно не сакаат или можат да ја разберат. И со тоа создаваат лажна надеж мислејќи дека со тоа и помагаат на владата.

Ако ги читате сите релеванти македонски медиуми ќе сватите дека Ципрас е среќен што македонскиот колега Заев пред повеќе од 100 дена јавно прифати географска одредница и дека проблемот со името веќе не постои.

Ако пак повнимателно и подлабоко прочитате што ни кажува Ципрас од Солун јасно е дека тој ни ја одредува линијата на постоењето и ни дава само една можност во преговорите што продолжуваат денеска во Њујорк.

Ципрас како најдобар историчар на светот определи кога настанале Македонците и од кога треба да се чувствуваат како дел од својата нација. И врз основа на тоа да го променат името. Во стил на најголем наследник на комунистичките традиции тој ја поставува 1934 година кога Коминтерната со резолуција ја призна македонската нација за камен темелник на нашето постоење. Пред тоа според Ципрас за разлика од 25 вековниот грчки чист ДНК континуитет ние сме биле амеби, парамециуми и евентуално Словени и Албанци.

„Имаат државен ентитет што 70 години се вика Македонија, а немаат никаква врска со Александар Велики и со овој историски тек. Имаат словенски и албански корени и го признаваат тоа. Што значи, ако добиеме одредница пред името Македонија е голема победа и уште поголема да се договориме дека едно е нашата Македонија што доаѓа од долгата традиција на грчкиот антички свет, а друго е нивната традиција и нивниот културен знак“, изјавил Ципрас во Солун по средбата со градоначалникот Бутарис кој меѓу другите причини пред неколку дена беше истепан поради Македонското прашање.

Ципрас со изјавата јасно ни става до знаење дека Македонија не може да има минато подолго од 7 децении, дека ништо што се случило пред тој период не може да се поврзе со нас. Тој дури сега оди и потаму од тезите дека оваа Македонија нема врска со Антиката туку се обидува да докаже дека немаме врска ниту со Прличев, Пејчиновиќ, па ниту со Гоце Делчев или Питу Гули кои живееле пред повеќе од 70 години. Главната теза му е дека нема да дозволи било какво поврзување на антиката со модерната македонска држава.

Ако овие зборови на Ципрас се претворат во дипломатски речник и виртуелно се стават на масата на која денеска во Њујорк преговараат Коѕиас и Димитров со помош на Нимиц, јасно е кој е фаворитот на Грција.

Тоа е РЕПУБЛИКА НОВА МАКЕДОНИЈА со употреба по принципот Ерга Омнес и со уставни промени кои што нема да бидат козметички туку темелни, со промена на стотина членови од уставот.

Од сите предлози на Нимиц по пат на елиминација останува само Нова како јасен дисконтинуитет од Античка Македонија.

Грција не ја прифаќа опцијата Република Македонија – Скопје (Скопје) затоа што така нема да може да наметне ново именување на нацијата пред светот како Македоноскопјани, иако за нив во Грција тоа ќе остане да се користи во пежоративна смисла.

Македонија не ја прифаќа Горна Македонија ако мора да прифати ерга омнес и менување на уставот а овој предлог е проблематичен и за Грција затоа што потоа треба да објаснува каде е Долна Македонија, кој живее во неа и да се соочи со барања за почитување на националните права на Македонците таму.

Бугарија како очигледен важен чинител во преговорите не прифаќа Северна Македонија затоа што со тоа таа го губи историското наследство од Античка Македонија. Во моменти кога Заев ги среди односите со Софија сигурно нема да му отвора на Борисов конфликт со целата научна јавност која е против Северна како решение за нашето име.

Вардарска, за Грција е полоша варијанта затоа што Вардар или Аксиос постола и во антиката и сега, со неа нема јасно разгранучивање на историјата и на новата Македонска нација од виртуелниот ентитет кој што Грција го гради последниве две децении во трите свои региони крстени како македонски.

И на крајот останува само опцијата Нова Македонија, која како да се отсликува во зборовите на Ципрас.

Варијанта која што на цел свет треба да му каже дека „Оваа Македонија не е таа славната грчка и античка Македонија“. Оваа Македонија е вештачката, создадена со потпис на Сталин и Тито, земја во која живеат наследници на Словените и Албанците.

Се разбира ова е само анализа на автор кој не е дел од масата во Њујорк и суди според изјавите на главните актери во процесот. Затоа не треба да се исклучи дека Ципрас како во неколку случаи предходно ќе даде друго објаснување, ќе се повлече од своите зборови и ќе најде оправдување на некој друг потег и позиција. Особено ако се точни информациите дека САД и Германија како главни спонзори на процесот на преговори се лути на Атина а се задоволни од тоа што Македонија прифатила Илинденска Македонија со промена на уставот и принципот Ерга Омнес.

фото

SHARE

Comments are closed.