Loading...

Бенјамин Ингросо, кој ќе ја претставува Шведска на претстојниот „Евросонг“ на 12 мај во Лисабон, коментирајќи ги сите учесници на видео го исмеа македонскиот претставник „Ај Кју“, но набрзо го повлече видеото направено заедно со евровизискиот сајт „Вивиблогс“ и се извини.

„Искрено се извинувам ако повредив некои од артистите или од фановите. Сето тоа го направив со добра забава и хумор. Имам голема почит за моите колеги артисти и никогаш не сакав да вознемирам некого“, напиша тој на својот официјален профил на „Твитер“.

Причината за извинувањето беше навредливиот коментар на 20-годишниот Швеѓанец за пејачката и за тапанистот на „Ај Кју“.

„Звучеше како таа да прди. Чекај, погледнете го тапанистот, не знае што прави. О, не, го донеле од улица“, кажува Ингросо низ смеа во контроверзното видео.

Покрај „Ај Кју“, тој имаше зајадливи коментари и за други учесници, како за Унгарија, кога ги извади слушалите од уши и рече: „Не можам да слушам рок музика толку многу. Моите уши не можат“. За Ерменија вели дека „главната ѕвезда во песната е – гитарата“, а песната на Сан Марино, пак, ја оцени како „нискобуџетна“.

Иако за многу нумери искажа позитивни коментари, негативните го навлекоа гневот на повеќе евровизиски фанови:

„Само што го видов клипот на Бенјамин Ингросо од Шведска, кое е големо непочитување на македонскиот учесник ‘Ај Кју’ на ‘Вивиблогс’. Не сум изненаден што го тргнаа целото видео. Македонија има подобра песна од Шведска оваа година“.

„Бенјамин Ингросо може да има свое мислење за секоја песна, не мора да кажува дека ги сака песните ако навистина не ги сака. Но, секогаш мора да покаже почит. А токму тоа го нема. ‘Евровизија’ е за обединување на земјите. За меѓусебно почитување. Очигледно, тој не е“.

Во остатокот од своето јавно извинување, Ингросо вели: „Понекогаш работите одат во погрешен правец кога се претставуваат само преку камера. До сите учесници – сите ние сме големи музичари, кои се во ова натпреварување за да бидат заедно преку музиката. Со нетрпение очекувам да ве сретнам сите во Лисабон и да ви ги покажам моите вистински реакции со љубов во вистинскиот живот. Уште еднаш: жалам што некого повредив“.