Силувана Македонија – Пишува Роберт Димитриевски

Тоа е тоа, што би рекол Среќко Катанец, некогашен селектор на фудбалската репрезентација на бившата југословенска, а сега веќе и поранешна Република Македонија. Јавно, пред очите на (повеќе)милионски аудиториум, синоќа за последен пат го силуваа тоа што замина во историјата како држава на македонскиот народ и на деловите од народи на кои таа не им е матична, отстапувајќи му го местото на територијата без содржина, а со префикс „северна“. Дотука било.

Ѝ се изредија на кутрата знајни и незнајни нечесници, од надвор, но и од домашен „произход“, и самонаречени патриоти, и класични предавници, и леви, и десни, ако воопшто може да се разликуваат според идеологијата, и евроатлантисти, и притаени евроазиски симпатизери, и „угледни“ и ептен неугледни избраници на веќе бившиот народ. Сите беа соучесници во оргијата во замислениот народен дом, каде што едните ја докажуваа својата машкост, оти имале мандат (да силуваат), а другите сопствената импотентност. Иако избрани да му служат на народот и да ги застапуваат неговите државни и национални интереси, му удрија реденка и нему, и на мајката што ги родила, а која во училишните клупи ја нарекуваа татковина. Ја силуваа едни без око да им трепне, други снебивајќи се дека до вчера се удираа в гради дека никогаш нема да го сторат тоа, трети гледајќи го одвратниот чин со изговорот што не е тоа дека, ете, гласале против, а можеа да ги поштедат и Македонија, и згрозената публика, со едноставен бојкот. И тоа уште по силувањето на мал милион уставни, законски и деловнички одредби при „изборот“ на командант Форина за собраниски спикер.

Но, не, и едните, и другите, и третите докрај си ја одиграа зададената ролја од сценаристот на трагикомедијата. Конечно, жива ја закопаа убавицата што ја силуваа уште од разводот од Југославија, обесчестувајќи ја и со привременото име „за два месеца“, и со промената на знамето, и со криминалната приватизација, и со фингираната војна увезена од протекторатот на север, и со територијалната поделба, и со двојазичноста како следна фаза од разнебитувањето. Ни срам, ни перде, двотретинско мнозинство од народните претставници во законодавниот дом јавно ја силуваа јасно изразената волја на двотретинското мнозинство граѓани што го бојкотираа референдумот за капитулацијата што бесрамно им ја продаваат како триумф.

Никој ни од божем слободниот и правдољубив свет ни да писне, ни да се заинтересира, а камоли да го осуди бестијалниот притисок врз жртвата да не дава отпор при силувањето. Еден не излезе барем симболично да крикне во одбрана на правото на еден мал и мирољубив народ на самоопределување, на сопствен идентитет, на елементарно човечко достоинство.

Тоа ли се тие вредности кон кои треба да се стремат земјите и народите што сè уште не се дел од евроатлантската заедница, а одамна тргнале по тој пат? Услов ли е прво да се биде силуван за да се биде во друштво со тие што отворено го поттикнуваат тоа, лицемерно замижувајќи пред гнасниот чин и претставувајќи го силувањето како сопствен избор, и тоа без алтернатива?!

Срамот што се случи во македонското Собрание не е само на Македонија, на нејзините граѓани и политички застапници, на македонскиот народ. Заканите, уцените и ветувањата до пратениците во замена за нивниот глас се срам за Брисел, за Вашингтон, за Лондон, за целата западна цивилизација што од уста не ги вади демократијата и владеењето на правото. Силувањето на Македонија цели три децении, од признавањето на нејзината независност до актуелното втерување во НАТО и дали и кој знае кога во ЕУ е срам со историски димензии. А како што рекол некој умен, со страв може да се живее, со срам не.

 

SHARE

Оставете Коментар