Двата спектакуларни гола во уште поспектакуларниот триумф на Леванте од 5:4 над Барселона синоќа во шпанското првенство го исфрлија во преден план македонскиот фудбалски репрезентативец Енис Барди.

„Варди од Македонија“, како што го нарече шпанска „Марка“, споредувајќи го со голгетерот на Лестер и на англискиот национален тим, ги крена на нозе навивачите на Леванте во 46. минута, кога зголеми на 3:1 со фантастичен удар од дваесетина метри. Десет минути подоцна македонскиот играч за врска го доведе домашниот тим во водство од 5:1, пласирајќи во небранетиот десен агол на голманот Тер Штеген.

Заедно со хет-трикот на Боатенг, двајцата беа најзаслужни за тоа што каталонскиот гигант нема да ја заврши сезоната непоразен.

Пред натпреварот „Марка“ го споредуваше Барди и со Лионел Меси, кого тренерот Алехандро Валверде го поштеди од овој меч и го остави во Барселона, нарекувајќи ги обајцата „кралеви на слободните удари“. Меси сезонава постигна шест погодоци на ваков начин, а Барди еден помалку и е трет во Европа во овој сегмент од фудбалската игра во последната деценија. Пред него е уште само Хакан Чалханоглу, кој во сезоната 2014/15 постигна шест гола од слободен удар за Баер Леверкузен.

Со пет гола од слободен удар во една сезона македонскиот фудбалски бисер е во друштво со великани од рангот на Андреа Пирло (Јувентус, 2012/13), Алесандро дел Пјеро (Јувентус, 2008/09) и Жунињо (Лион, 2008/09).

Барди во дуелот со Барса влезе и како специјалист за изведување слободни удари со најдобар ефект, петте гола постигнувајќи ги од 16 обиди, односно со успешност од 31,25 проценти.

Последна можност да го (пре)стигне Меси репрезентативецот на Македонија ќе има на 19 мај против Селта во Виго, а ден подоцна веќе инаугурираниот шампион Барселона го пречекува противникот на Вардар во групата од Лига Европа, Реал Сосиедад.

Со вкупно девет погодоци и една асистенција во својата прва сезона во дресот на Леванте, Барди го дели 21. место на листата на стрелците во Ла Лига, на која води Меси со 34 гола и 12 додавања за гол.