Скопје и Тирана го криеле „нон пејперот“

Владите во Скопје и во Тирана две недели го криеле „нон пејперот“ што беше објавен во медиумите, а во кој се вели дека Европска унија треба за следната пролет да го одложи почетокот на преговорите за членство со Македонија и со Албанија.

Европски дипломатски извори за expres.mk тврдат дека откако премиерите Заев и Рама не дозволиле документот да излезе во јавноста, на инсистирање на дел од чкенките на ЕУ тој бил „дистрибуиран“ директно до медиумите за граѓаните точно да бидат информирани за реалноста во Брисел во врска со проширувањето и за опасностите по двете земји.

Точно е дека актуелните власти во Скопје и во Тирана направија многу за краток период, но точно е и тоа дека Брисел очекува многу повеќе, велат изворите на expres.mk, според кои една од обврските на сите земји-кандидати е јавноста да ја информираат за сите релевантни документи, позиции и предизвици на патот до членство, затоа што премолчувањето може да создаде илузии.

„Има премногу одови во празно“, велат истите извори, според кои „заробената држава“ на Груевски и на Заев е различна по формат и интензитет, но во суштина станува збор за ист проблем на власта, која меѓу другото нема капацитет да ги одвои партиските и бизнис интересите на поединци во највисоките ешалони во власта од интересите на државата.

На Заев и на Рама како „реформски лидери“ им било дадено време да ѝ објаснат на јавноста за состојбата во која се наоѓаат двете земји, но откако се видело дека документот и пораките од него биле „туркани под тепих“ со надеж дека на самитот на ЕУ „ќе се покријат“ сите проблеми, авторите на „нон пејперот“ решиле сами да ја информираат јавноста за критиките кон Македонија и Албанија.

Документот бил доставен и до други лидери во регионот, како српскиот претседател Вучиќ, кој уште пред една недела изјави дека Македонија и Албанија на самитот на ЕУ во јуни нема да добијат датум за преговори. И официјално Скопје и Тирана ја премолчеа изјавата на Вучиќ, затоа што знаеле дека тој всушност ја открива содржината на документот.

Таканаречениот „нон пејпер“ бил изготвен во април, а бил даден и на хартија и во електронска форма на македонски и албански претставници.

Во врска со позициите за застареност на документот на Владата, која преку државната агенција МИА потврди дека документот е стар најмалку десетина дена, односно дека постои од пред самитот ЕУ – Западен Балкан одржан во Софија на 17 мај, дипломатите повикуваат на внимателност.

За десетина дена ништо не може да се промени драматично, состојбата останува иста во сите наведени точки од „нон пејперот“, а во некои е дури влошена, се вели во коментарите.

Премиерот Заев останува фаворит на Брисел, но реакциите на јавноста за неговото ослободување во случајот „Поткуп“ во ситуација кога јавноста има увид во докази кои не беа искористени од Судот, покажува дека во правосудниот систем и политичкото влијание во него постојат огромни проблеми кои мора да се адресираат итно.

Тоа што медиумите не биле информирани веднаш за „нон пејперот“ покажува за сериозен проблем и во односот на Владата кон јавноста, транспарентноста и отчетноста.

ЕУ не сака да скрие дека и самата има сериозни дилеми за проширувањето, а во процесот на нивно разрешување се очекува земјите кандидати да бидат отворени, одговорни и конкретни, затоа што така си помагаат и себе си и на Унијата, е пораката која ја испраќаат евродипломати кои инсистираат на анонимност.

Во „нон пејперот“ пишува: „За ПЈРМ, и покрај вистинските промени во општата атмосфера во земјата, извештајот не покажува јасен суштински напредок во спроведувањето на итните реформски приоритети. Имплементацијата на новите судски реформи е тукушто започната и треба долгорочен напредок и континуирана промена во однесувањето. Неопходни се повеќе напори за да се обезбеди регрутација врз основа на заслуги и деполитицизација на јавната администрација (заробена држава). Борбата против корупцијата и организираниот криминал сè уште не даде задоволувачки резултати: и покрај поставената правна и институционалната рамка, корупцијата преовладува во многу области и продолжува да биде сериозен проблем“.

 

SHARE

Comments are closed.