Слободата не го дочува заветот од спомен-чешмата во Струга (ФОТО)

„И мртви стражарите пред прагот домен. Слободата го чува вашиот завет и вашиот спомен“ пишува на спомен-чешмата во Мороишта отстранета од градежна механизација ангажирана од Општина Струга.

Обележјето поставено на 8 ноември 1977 година, на 33-годишнината од ослободувањето на Струга во Втората светска војна, веќе два дена го нема на првичната локација, што предизвика реакции во јавноста.

„Се известуваат сите граѓани на Општина Струга дека ‘Спомен-чешма на ослободителите на Струга – Мороишки мост’, врз основа на добиена согласност со бр. 03-24 од 31.05.2018 од ОО Сојуз на борци – Струга, ќе се дислоцира на другата страна на патот, односно спротивно од сегашната локација. За дислокација на истата е потребно да се интервенира на темелната стопа на споменикот затоа што е со големи димензии и голема тежина. Истиот споменик, неоштетен и со истите историски вредности ќе се поставува на нова армирано-бетонска темелна стопа, во рок од еден месец“, соопштија од Канцеларија за односи со јавноста на Општина Струга.

Од фотографиите што се појавија на социјалните мрежи се гледа дека од споменикот по интервенцијата останале неколку дела.