Смртта како спас од чемерот – пишува Горан Момироски

Деновиве смртта како никогаш во Македонија е како животот, сеприсутна, тука до нас, речиси ја гледаме како секојдневно ни ги зема идолите, почитуваните, нашите великани…луѓето што ја граделе оваа држава со децении. Некој со збор, друг со закон, трет со уметничко или научно дело.

Деновиве фрекфенцијата на смртта е поинтензивна од 2001, поприсутна од 1963, повидлива од 1941-45.

Загубата во интелект е посебна приказна. За една недела Македонија загуби интелигенција, чест и доблест како за периодот од избришаниот АСНОМ до ден денес.

Еден од најразочарувачките аспекти на трагедијата што ја зафати Македонија деновиве иако самото нивно заминување е крајно разочарувачко, е поделеноста на јавноста за смртта на врвните интелектуалци. Едни ја потенцираа загубата на своите минимизирајќи ја загубата што доаѓа со смртта на “нивните”.

Дури некои на крајно подмолен начин преку социјалните мрежи се обидоа да прикажат дека “ненивните” и не се баш такви величини за какви се прикажувани во јавноста.

Небаре сме Израел, Индија, САД или Германија и во секое маало имаме нобеловци, па нервозни од сегашноста можеме да ги делиме на леви и десни, вмровци и комуњари. Иако сите тие што не напуштија деновиве беа тивки и кротки луѓе без никаква партиска афилијација.

Но најтрагично е што заминувањето на великаните кај добар дел од граѓаните беше проследено со типичен македонски коментар ,,се спасија”.

Точно е дека дел од починатите деновиве се спасија од тешките маки што ги носеа нивните болести но синтагмата ,,се спасија” во случајов повеќе се однесува на спасот од срамот и чемерот што можеше да им го донесе животот ако дај боже потраеше.

Не можам ни да замислам каква лична катарза од Преспанскиот договор доживувал академик Блаже Ристовски со чие семејство разговарав летово година во обид да му направам интервју.

Фактот што тој во тешка здравствена состојба го стави својот потпис на писмото одговор на памфлетот за поддршка за промена на името објавен во весникот Гардијан доволно говори колку му било тешко да слуша како државата која ја градел од темели сега се урива. И на нејзино место ни градат нова.

Од една страна сум несреќен што не успеав со интервјуто за да остане уште еден последен аманет на големиот човек а од друга си велам: Што можеше да каже а тоа да не предизвика огромна душевна болка, човекот што целиот живот работеше за македонска држава, македонска нација, македонска историја, култура, јазик.

Човекот кој на свои плеќи повеќе од половина век ја крепеше одбраната против бугарската, грчката, српската а во последната деценија и албанската пропаганда.

Затоа можеби се делумно во право тие што велат дека академикот се спаси. Се спаси од срамот цел живот да се бори за Република Македонија и македонското и на крајот да живее во Северна Македонија.

Од траор се спаси и Јован Ристов, основач на управата за заштита на културното наследство. Затоа што лесно може да се случи истата таа управа која спаси илјадници артефакти со кои се докажува македонскиот идентитет да се претвори во локален археолошки башибозук кој ќе го минимизира словенскиот а ќе го слави илирски идентитет.

Спасен е и почитуваниот Горан Стефановски.

Човекот што со децении живееше во Европа, кој во култна драма ни порача дека на Европа и се прди за нас а кој мораше да гледа како заради истата таа Европа не фаќа дијареја секогаш кога нејзините претставници ќе не пофалат што сме го смениле името притоа безчувствително нарекувајќи не “вашиот народ и оваа земја”.

Деновиве од срамот се спасија и голем број други Македонци/граѓани на Северна Република Македонија. Славни, заслужни, незнајни и тивки.

Сите тие го избегнаа траорот на неизвесноста што не навјасува. И дилемите што се поставуваат пред нас.

Ќе умреме ли и ние како Македонци или Северномакедонци? Ќе зборуваат ли нашите деца и внуци на словенски или македонаки јазик?

Сакам да му верувам на премиерот Заев дека ќе бидеме Македонци за навек. Но неговото предходно поведение не дава надеж на мојата верба.

Во деца се колнеше, по жица македонска одеше ветувајќи и уверувајќи дека уставот нема да се менува. И не излажа.

Сите не излажа.

И Ристевски и Стефановски, и Ристов и Митриќески, и децата негови и наши и жицата македонска ја скина.

Сега вели дека дента по првото гласање за промена на уставот бил среќен но не му било лесно.

За тоа верувам дека не лаже.

На ниту еден македонски политичар не му било лесно. Никогаш.

Причината за тоа може да е и кај “искомплексираниот народ” како што неговиот министер за надворешни работи го долови ова измачено, нагазено, напатено парче од човечката цивилизација.

А и двајцата имаа и се уште имаат избор. Да си заминат од функциите.

Премиерот кој се колнеше во своите деца и најблиски дека нема да го менува уставот, очекува да веруваме дека му е тешко, но дека, како што тврди, лично не добива ништо со промена на името.

Човекот што ветуваше јавно дека ќе си даде оставка ако референдумот пропадне и подоцна ја погази волјата на две третини од граѓаните и четири петини од Македонците, сега ветува бетониран македонски идентитет.

Во исто време кога Грција се крена на нозе од обично споменување на можноста македонското малцинство да го говори и да учи на македонски јазик во членката на ЕУ и НАТО.

Затоа донекаде може и да се согласиме со тие што мислат дека македонските великани кои не напуштија деновиве се спасија.

Заминаа како Македонци од Република Македонија и во исто време се спасија од безочните лаги во име на политичкото преживување, од јавно бришење на историјата во име на дневната политика, од лажните заклетви во име на лажната надеж, од урнисувањето на идентитетот во име на неизвесноста, од наводната херојска битка што всушност е предавство, од ситните умови што носат крупни одлуки, од шарлатаните што мислат дека ќе влезат во националната историја како херои.

А не знаат дека се веќе влезени на црните страници каде се зборува за луѓе како Коте од Руља, Ванчо Михајлов, војводата Јован Бабунски или Петре Лигушев.