Промена на името по кратка постапка

Пратениците во македонскиот парламент со 69 гласови ЗА го изгласаа Предлог законот со кој ратификацијата на Договорот меѓу Македонија и Грција ќе се гласа по скратена постапка. Четириесет од присутните пратеници беа против.

Пратениците на ВМРО – ДПМНЕ веднаш ја напуштија седницата.

Предлогот го бранеше министерот за надворешни работи Никола Димитров кој рече дека ратификацијата во македонското Собрание треба да се случи пред Европскиот совет кој на крајот на месецот ќе одлучува дали Македонија ќе добие датум за преговори.

Според Драган Данев од ВМРО – ДПМНЕ договорот е противуставен и дека со него се навлегува во идентитетот на државата, дека „капитулантската влада сака да ги втурне и пратениците да учествуваат во овој гениоцид на правнатга држава“, пратениците на ВМРО ДПМНЕ ја напуштија собраниската седница со барање за еден час пауза.

За 15 часот е закажана седница на Комисијата за европски прашања. Комисијата до среда на полноќ има време за разгледување на договорот.

По дебатата во комисијата Предлог-законот за ратификација на договорот повторно ќе се најде на пленарна седница за да биде ратификуван.

За ратификација потребно е просто мнозинство, односно 50 % плус 1 од присутните пратеници.