Видливото присуство на дополнителни полициски сили на самиот влез во Грција, веднаш по поминувањето на граничниот премин Богородица ноќеска, беше првата најава за засилените мерки за безбедност пред денешното отворање на 83. Меѓународeн саем во Солун.

Најавените протести за договорот од Преспа и за новите владини мерки за затегнување на ременот, а во „чест“ на вечерашното отворање на Саемот од премиерот Алексис Ципрас, го претворија во тврдина вториот град по големина во Грција.

Денеска е пазарен ден во Солун, па тезгите по улиците и големата раздвиженост оддаваат впечаток на вообичаено секојдневие, но зголеменото присуство на полицијата сигнализира дека не е баш така.

На македонските туристи и други патници-намерници не може да не им паднат в очи и транспарентите со натпис „Македонија е грчка“ на англиски и на грчки јазик поставени на надвозниците долж автопатот до Халкидики.

За безбедноста во Солун за време на четирите протестни собири на различни локации се грижат 3.800 полицајци, што е за десет проценти повеќе од лани. На високо ниво на готовност се ставени и единиците за спречување безредија и антитерористичките сили, кои соработуваат со агенти на ФБИ поради фактот дека САД е почесен покровител на годинашниот саем. Оттаму и присуството на американскиот секретар за трговија Вилбур Рос, кој заедно со Ципрас и со амбасадорот Џефри Пјат го отворија американскиот павилјон. Околу хотелите каде што се сместени тие не може ни пиле да прелета, а сообраќајот е пренасочен на повеќе места низ градот.

Покрај веќе стандардните налепници на автомобилите со македонски таблички со пораката дека Грција не го признава знакот МК и на земјата ѝ се обраќа како ПЈРМ, Македонците што се затекнаа денеска во Солун беа почестени и со спомнувањето на нивната земја во обраќањето на Ципрас кон администрацијата на саемот.

„Првиот чекор кон нашата визија Солун да добие лидерска улога на Балканот длабоко верувам дека е договорот со Поранешна Југословенска Република Македонија, што ги менува насоката и ориентацијата на градот и на Северна Грција. Солун и Северна Грција повеќе да не бидат со свртен грб кон просторот што економски и трговски е од витално значење за нас, а тоа се соседните земји, и да се ориентира кон тоа да стане основна трговска, транспортна, енергетска, економска точка на Балканот. Солун да биде прво пристаниште на Балканот“, порача грчкиот премиер.

Заради одржувањето на редот и мирот во Солун на локалната полиција на помош ѝ дојдоа 1.000 полицајци од Атина.

 

SHARE