Солзите на мртвите деца најмногу печат – Пишува Горан Момироски

Децата на спикерот на Собранието Талат Џафери и на шефот на комисијата за уривање на спомениците Мирослав Грчев не пуштаат солза.

Да се живи и здрави се вработија во државна фирма и си чекаат плата. Биле избрани без конкурс, без да се види колку знаат, без да се споредат со своите колеги правници и инжинери.

Биле предложени од Агенцијата за вработување. Врз основа на кои други критериуми освен што се деца на моќни татковци никој не кажува. Можда биле избрани на лотарија за работа. Или некој се јавил и рекол “Дај види таму да најдеме нешто за децата на Таљо и Мики”.

Како и да е тие не плачат.

Само чекаат да дојде први Мај за да земат плата. И тоа не е трагедија, не се ни први ни последни деца на црвена, црна и портокаловата буржоазија што добиле државен леб. И тие се наши деца, нека работат, само да не заминат во туѓина.

И не им е лесно. Цел живот ќе се срамат што сите колеги и роднини ќе ги доживуваат како неспособни, политички корумпирани и социјално и професионално хендикепирани. А можеби навистина се вредни и умни.

Од нивната работа никој нема да умре. Освен што од мака може да пукнат тие правници и инжинери што завршиле со десетки а немаат татко што се вика Талат и се презива Грчев.

За разлика од нив, убиените момчиња на Смиљковското езеро и рибарот од Црешево не можат ни да се срамат. Ни да се радуваат ниту да тагуваат. Сила за било какви емоции освен длабока тага немаат ни нивните семејства. Не можат да сфатат зошто некој би убил некого без причина и зошто нивните деца останаа без можност да живеат како Бесијана Џафери и Димитар Грчев.

Уште помалку можат да разберат дека некој им читал транскрипти од кои може да се утврди кој ги убил децата во “Велигденскиот масакр” а сега молчи и од политички причини добива амнезија за своите ветувања дека ќе го расчисти случајот што сите не потресе и сеуште не тресе.

Прислушуваните разговори и транскрипти со кои, како што тврди еден од родителите на убиените деца, манипулирал премиерот Заев сега ги нема. Се загубија во лавиринтот на курвинската политика. И во стравот дека нивната појава ќе ја урне владата. Истиот тој страв што без крунски доказ и без нови правни аргументи ослободи осудени убијци.

Солзите на мртвите деца кои што течеле долго откако тие биле убиени, како што се сеќава една од нивните мајки, се уште не се паднати и впиени од земјата. Тие се тука околу нас, лебдеат во немирот на тие што ветувале расчистување на масакрот а сега нудат молк и тишина. И чекаат да ја покажат својата моќ.

Тие солзи печат повеќе од било која корупција, криминал, непотизам или политичка глупост. Не потсетуваат дека поради политика правдата станува неправда а убијци можат да станат слободни луѓе.

И предупредуваат дека без разлика дали сте премиер или министер, директор или началник, судија или обвинител, еден ден ќе ја откријат вистината за тоа кои се вистинските убијци и кој нив ги заштитувал за да преживее политички. И со тоа и самиот станал полош од убиец

1 Коментар

  1. Немој Момире, не гибај ме. Тие невини душички не заслужуваат да бидат ставени во ист кош со децата на Таљат и на Грчев. Немој Момире, како моите две деца да се, исто срцето ме боли и душава ме пече. Само Господ знае зошто изродите им го прекратија животот на душичките невини отпадоците на родот човечки. Како што мајките нивни тажат, три пати по толку да проплачат тие на нивните крвници. Аир да не видат до седмо колено. Како Господ никој не е. Правдата забава, ама не забрава. Господе, дај им покој на душата на невините и заслужената казна на ѕверовите. Амин!!!!

Comments are closed.