Сопственик од Македонија изгоре во пожар во својот ресторан во САД

Тони Насуфи од Македонија, сопственик на италијанскиот ресторан „Наполи“ во градот Јулес во американската држава Тексас, беше пронајден мртов во остатоците од пожарот што го зафати семејниот бизнис вчераутро во 3:30 часот по локално време.

„Веројатно еден од најдарежливите, прекрасен, љубезен, веројатно еден од најдобрите момци што воопшто можете да ги сретнете“, ја опиша жртвата пријателот на семејството Ерик Лав.

Истражителите за пожари од Јулес се обидуваат да ја утврдат причината за пожарот што целосно го уништи ресторанот, чиј сопственик веќе бил мртов кога стигнале пожарникарите. Еден од пожарникарите бил повреден кога се урнал дел од објектот при нивната интервенција.

Поранешниот вработен Ник Дејвис, кој со години работел во „Наполи“, застанал до добро познатиот објект за да оддаде почит.

„Веднаш дојдов тука. Морав да го видам објектот за да се уверам дека е вистина“, изјави тој за телевизијата Фокс 4. „Тој го изгради ова место од почеток со своите сопствени раце. Сам ги направи подот, масите, сè.“

Дејвис го опиша својот поранешен шеф како посветен на својот семеен бизнис и вели дека Насуфи работел до доцна во ресторанот, гланцајќи ги масите.

„Напорна работа, сè во врска со квалитетот на храната, сè во врска со квалитетот што им го нудеше на гостите. Секогаш беше тука и работеше. Многумина од редовните гости го знаеја по име, а тој ги знаеше нивните нарачки од срцето“, објаснува Ник.

„Сакав да дојдам тука, едноставно, поради тоа што неговото срце беше тука. Жално е, но единственото нешто што има смисла е дека тој почина тука“, додава Лав.

Според пријателите, семејството на Насуфи се доселило од Македонија и почнало ресторански бизнис во САД. Насуфи го поседувал локалот околу 15 години.

„Храната беше извонредна, персоналот уште подобар. Тој беше шоумен, секогаш добро расположен. Вие му бевте важни, нјишто помалку од тоа“, дополнува Лав.

Семејството на насуфи не сакало да зборува пред камера, но за Фокс 4 рекле дека ресторанот можеби ќе треба да се урне и оти не се сигурни дали ќе го изградат повторно.

 

Оставете Коментар