Советник на Заев го толкува лидерот на европските „народњаци“

Специјалниот советник за комуникации на премиерот, Марјан Забрчанец, ги подучува демонстрантите на митингот на опозицијата што им порачал претседателот на Европска народна партија (ЕПП).

Според Забрчанец, Јозеф Дол во саботата упатил сериозни пораки до членството на партијата-членка во Македонија – пораки за интеграција, а не пораки за поделби.

„Една од пораките беше дека Македонија нема друга алтернатива освен членство во ЕУ и дека ЕУ нема да биде комплетна ако Македонија не ѝ се придружи“, пишува Забрчанец, кој не објаснува што има спорно во пораката и зошто тој ја коментира.

И за пораката што се однесува на потребата од поддршка на реформите кои се во тек – „народот бара промени и тие нема да можат да се спроведат без ваше учество, дури и како опозиција“, Забрчанец не ја кажува поентата.

Од неговиот напис може да се заклучи дека тој од опозицијата бара поддршка за владините реформи.

Како советник за комуникација тој, сепак, треба да знае дека директна порака до опозицијата со повик за помош без повикување и интерпретација на европски политичари може да донесе подобар резултат.