Повредите на мозокот била причината за смртта на 21 годишниот младиот Никола Саздовски – Саздо, кој на 29 јуни беше претепан на автобуска постојка во Автокоманда по што десет дена бил во кома.

Обдукцијата била завршена вчера, а денеска резултатите биле испратени во јавното обвинителство каде ќе се прават дополнителни вештачења и анализи.

„Денеска пристигна извештајот од наредената обдукција на починатото лице и претстои негово разгледување. По прибирањето и анализата на сите докази ќе може да биде донесена јавнообвинителска одлука и во однос на кривичната одговорност на лицата и во однос на правната квалификација на кривичното дело“, соопштија од обвинителството пренесува “+Инфо“.

Во Основното јавно обвинителство, денеска се сослушуваа сведоци на бруталниот напад од кој почина момчето. На распит биле повеќе очевидци на настанот коисе очекува да помогнат во расветлување на случајот а потоа ќе се знае дали обвинителството ќе го преквалификува кривичното дело за кое се осомничени тројцата напаѓачи, дознава „Фокус“.

Во полицискиот билтен на 30 јуни беше наведено дека „на 29.06.2018 година во времето од 17:30 до 17:40 часот на автобуската постојка на булевар „Александар Македонски“ од страна на три непознати машки лица (кои излегле од патничко моторно возило „Мерцедес“) физички бил нападнат Н.С.(21) од Скопје.

По физичкиот напад лицата со возилото го напуштиле местото на настанот. Н.С. со возило на Итна медицинска помош е пренесен во Комплекс клиники ‘Мајка Тереза’.

Во врска со нападот кривична пријава беше поднесена против Б.Б.(20), С.Д.(21) и Ј.Љ.(19), сите од Скопје.

Никола Саздовски денеска во 13 часот беше погребан на гробиштата во селото Ракотинци, а од навивачката група „Комити“ упатија апел да се простат достоинствено од нивниот другар.

SHARE