Српски министер бара одмазда за поддршката на „Северна Македонија“ на „нарко картели“

Српскиот министер за одбрана Александар Вулин од претседателот на Србија Александар Вучиќ бара да го промени односот кон Македонија и Црна Гора кои што го поддржаа приемот на Косово во Интерпол.

„Го повикувам претседателот Вучиќ да го промени односот кон Црна Гора и Северна Македонија и да им покаже дека пријателството со Србија мора да се заслужи“, пишува Вулин во официјално соопштение до српската јавност.

Според Вулин „Црна Гора и Северна Македонија на собранието на Интерпол го поддржале влезот на косовските нарко картели во полициската организација. Застанаа на страна на Косово свесни дека со тоа ја навредуваат Србија“.

„Ако немале храброст да гласаат против можеле да бидат воздржани и да покажат дека се грижат за тоа што Србија го мисли и чувствува“, вели министерот за одбрана на Србија за одлуката на Подгорица и Скопје да го поддржат неуспешниот обид на Косово за влез во Интерпол.

„Не гласаа Црна Гора и Северна Македонија за Косово, тие гласаа против Србија. Нивните гласови не ја променија одлуката на Собранието на Интерпол но треба да го променат односот на Србија кон нив. Претседателот Вучиќ во владите на Црна Гора и Северна Македонија нема искрени соговорници а Србија нема пријатели“, заклучува Вулил во соопштението за кое српските набљудувачи тврдат дека е невозможно да е напишано без дозвола од српскиот претседател Александар Вучиќ.

Expres.mk предходно објави дека гласањето на Македонија за влез на Косово во Интерпол предизвикало сериозни тензии во српската влада од каде се бара дипломатска одмазда кон македонските власти.

Белград бесен на Скопје поради гласањето за прием на Косово во Интерпол