Српскиот патријарх му пиша на вселенскиот, лобирајќи против МПЦ-ОА

Српскиот патријарх Иринеј испрати протестно писмо до вселенскиот патријарх Вартоломеј, во кое на 15 страници изразува спротивставување на автокефалноста на украинската црква, како и за „сличните проблеми“ во Црна Гора и во Македонија.

„Причината за ова писмо е загриженоста на Светиот синод на Српска православна црква и на нејзиниот патријарх по мешањето на Вселенска патријаршија во врска со доделувањето Томос за автокефалност на украинските расколнички ентитети ‘против волјата на Руска православна црква’, во името на еклесијастичкото мајчинство од минатото, новововеден канонски параметар. Сличен аргумент се планира и за ‘Македонска православна црква’. Ересот на етнофилетизмот е една од суштинските несреќи на современото православие“, пишува Иринеј, во продолжение именувајќи ја Македонија како „северна“, а македонскиот народ го става во наводници!

„Државите, населението и ‘народите’ кои денес бараат автокефалност, всушност, поттикнуваат ‘политички раскол’ и отворено ја оправдуваат нивната катастрофална активност со повикување на државен и национален интерес (Украина, ‘Северна Македонија’, Црна Гора). Овие држави биле создадени од страна на комунистите, а повеќето од нив денес се водени од атеисти“, додава патријархот во писмото што интегрално го објави грчката агенција Ромфеа.

Зборувајќи за расколничките лидери во Црна Гора и во Украина, српскиот патријарх заклучува дека случајот на Црна Гора треба да се поврзе со тој на Украина и оти „неканонското свештенство на поранешната југословенска Република Македонија и на Црна Гора се надева дека тие ќе добијат автокефалност како Денисенко ( („расколничкиот“ патријарх на Киев – н.з.)“. Патријархот Иринеј верува дека такво нешто, од гледна точка на канонските правила, би било трагичен апсурд.

 

Оставете Коментар