Статус на Заев на ФБ го изнервира бугарското ВМРО

Фејсбук статусот на премиерот Зоран Заев дека македонскиот јазик ќе биде признаен како официјален од 500 милиони луѓе, откако Македонија ќе влезе во Европската унија, предизвика реакција на бугарската партија ВМРО.

„Сега господин Заев истакнува дека со евентуално влегување на Македонија во ЕУ, некој ден, јазикот кој во македонскиот Устав се нарекува македонски, ќе стане официјален во ЕУ.

Да, господин Заев, но ние повторно ќе потсетиме дека овој јазик е исто така дел од нашата заедничка историја“, коментираат од ВМРО, откако потсетуваат дека Заев претходно зборувал и за  Илинденското востание како за македонско.

„Ние, патриотите од ВМРО, јасно сфаќаме дека Заев е во кампања за референдумот, но потсетуваме дека никаде во Европа не се расправа за такви работи како што е јазикот“, велат од партијата чиј лидер е бугарскиот вицепремиер, Красимир Каракачанов.

„Кипар – кога стана членка на ЕУ, не тргна да наметнува одделен кипарски јазик и Кипарците прекрасно се разбираат со луѓето во Атина.

Безумието да се претендира на признавањето на јазикот е исто како Австријците да тврдат дека јазикот не им е германски“, нагласуваат од ВМРО.

Според оваа партија, „доколку Македонија сака да стане членка на ЕУ, треба да се занимава со многу важни работи, значајни за внатрешна политика, а не да допушта измислени поводи за влошување на пријателските односи со Бугарија“.

Од ВМРО, како што пренесува „Вести.бг“, го потсетуваат „господин Зев дека мора да го придобие јавното мислење не само во Македонија, туку и во Бугарија. Бугарија е повеќе од пријател, а Бугарите го поддржуваат патот на Македонија кон НАТО и ЕУ.

Но, на Бугарите ќе им биде тешко да ги разберат овие секојдневни закачки со историјата. А токму ние, Бугарите, ќе го имаме последниот збор кога Македонија ќе биде на прагот на ЕУ “.