Стоилковиќ: Новата македонска власт води антисрпска политика

Пратеникот Иван Стоилковиќ, претседател на Одборот на македонското Собрание за соработка со српскиот Парламент, оцени дека односите меѓу Македонија и Србија „никогаш не биле полоши“ поради „антисрпската политика“ на новата македонска власт.

„Во минативе година дена имавме крајно антисрпски ставови и антисрпска политика на новото парламентарно мнозинство во Македонија, што не одговара на соработката меѓу македонскиот и српскиот народ, која секогаш била на многу високо ниво, а не одговара ни на техничката соработка меѓу двете држави. Проблемот настанува на политичко ниво, бидејќи актуелната власт проба да се врати на 1990-тите и на многу проблематичната антисрпска кампања“, изјави тој за српската новинска агенција Танјуг.

Според лидерот на Демократска партија на Србите во Македонија, која во Собрание влезе како дел од опозициската коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, новата македонска власт максимално ја запостави српската заедница, која добила само 10.000 евра, и тоа, пред сè, за одбележување на државниот празник на Србите во Македонија. Наспроти тоа, македонската заедница во Србија годишно добива 480.000 евра од државата, дополнително и пари од локално ниво, вели тој.

Стоилковиќ нагласува дека ситуацијата била сосем поинаква пред промената на власта, а новата, едноставно, има нови постулати на делување во кои се фокусира на реализација на Тиранската платформа и на барање решение за името на државата. Со спроведувањето на платформата од Тирана, пак, сите припадници на помалите заедници доаѓаат во подредена положба, смета тој.

„На насилен начин на локалните избори ни е одземена единствена општина што ја имавме. Доведени сме во ситуација да мораме да се прегрупираме и да бараме нови патишта за опстанок во Македонија“, изјави Стоилковиќ, апелирајќи до Србија да им посвети поголемо внимание на Србите во Македонија.

 

1 Коментар

  1. Во еден српски весник од Белград прочитав коментар: ” ГДЕ МОЖЕ СВЕТИ ИЛИЈА ДА ПОСТАНЕ ДРЖАВНО ИМЕ”!
    Шега на страна, ово име “Илинденска Македонија” е досега најлош “предлог”!

Comments are closed.