Стоилковиќ за „Политика“: Албанците се политички газди во Скопје

Иван Стоилковиќ, лидер на Демократска партија на Србите во Македонија (ДПСМ) и пратеник, во интервју за белградскиот весник „Политика“ констатира дека Албанците се политички газди во Скопје по смената на власта во Македонија.

Според него, Тиранската платформа е жива и сегашната коалициска влада ја спроведува.

Претседателот на Одборот на македонското Собрание за односи со Парламентот на Србија, кој вчера го придружуваше спикерот Талат Џафери во официјалната посета на Белград, вели дека српската заедница во Македонија не сака да му кумува на новото име на македонската држава и ќе го поддржи секое решение што ќе биде прифатливо за македонскиот народ.

„За нас е спорно настојувањето Република Македонија да се трансформира во едно општество, што подразбира и промена на името, во кое Албанците ќе останат Албанци, а Македонците и сите останати малцински заедници ќе станат некои граѓани без свој национален идентитет. Тоа би било саоубиство не само за Македонците, туку и за сите национални заедници во државата“, вели тој во интервјуто.

Тој е пријатно изненаден што бил поканет да биде дел од делегацијата предводена од Џафери.

„Иако како партија го оспоруваме начинот на кој Талат Џафери е избран за претседател на Собрание, треба да се нотира дека некој во Скопје, сепак, подобро гледа со кого во регионот треба да се разговара“, изјави Стоилковиќ.

На костатацијата, пак, дека „испаѓа оти Албанците се поподготвени да разговараат со Белград отколку Македонците“, пратеникот што седна во собраниските клупи како дел од опозициската коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ одговори:

„Албанските партнери во македонската власт се покажаа похрабри и поотворени кога станува збор за дијалогот со Србија. Албанските политичари станаа свесни дека Скопје не може да напредува без добри односи во регионот, пред сè, со Белград. Тие пред македонските политичари увидоа дека се променија меѓународната положба на Србија и начинот на кој треба да ѝ се пристапува на соработката со Србија“.

 

SHARE