Стоилов: Ќе сториме сè за да ја одбраниме СЕХА-титулата дома

Капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов, во името на ракометарите на европскиот, регионален и македонски првак најави одбрана на титулата од СЕХА-лига како домаќини на завршниот турнир од утре до недела во СЦ „Јане Сандански“.

Противник на „црвено-црните“ во утрешниот прв полуфинален натпревар од 17:45 часот е Мешков Брест, а во вториот дуел од 20:15 ч. ќе се сретнат ППД Загреб и Целје.

„Утре ќе се сретнеме со добар тим, воден од добар тренер. Сепак, играме пред своите навивачи, во нашата сала и ние сме бранители на титулата. Токму затоа, ќе сториме сè што можеме за да отидеме докрај втора сезона едноподруго. Минатиот пат кога Скопје беше домаќин на фајналфорот од СЕХА бевме запрени во финалето против Загреб и искрено се надевам дека тоа нема повторно да се случи“, изјави Стоилов.

„Сите нè сметаат за фаворити на оваа средба, но ние мораме да одработиме добро на сите средби ако сакаме успех. Ни следува полуфинале против тежок ривал, каков што е Брест Мешков. Станува збор за одлична екипа, која игра квалитетно и поседува квалитетен тим. Играме пред нашите верни навивачи, па тоа ќе ни биде од голема помош, особено во првиот натпревар. Ќе се соочиме со екипа која има одличен тренер и екипа која секогаш игра мотивирано против нас. Мораме да одиграме добро и цврсто во одбраната и да ги искористиме нашите контри“, нагласи тренерот Раул Гонзалес.

„Среќен сум што сме уште еднаш меѓу најдобрите четири екипи во СЕХА-лигата. Играме против Вардар, кој е домаќин, а тоа е силен ривал, кој во моментов е еден од најсилните тимови во Европа. Имаме кратко време за адаптација, а утре треба да се обидеме да го совладаме Вардар. Ни недостигаат тројца важни ракометари, кои се повредени во моментов“, изјави тренерот на Мешков Брест, Сергеј Бебешко.

„Се обидовме да дојдеме до второто место во основниот дел од сезоната за да го избегнеме Вардар во полуфиналето. Сепак, имавме силен ритам во текот на целата сезона играјќи и во Лигата на шампионите и на крајот имавме пад. Со тоа не успеавме да го оствариме она што го посакувавме. Оттаму немавме избор и моравме да се соочиме со најдобриот тим во моментов во Европа, Вардар“, не штеди комплименти Словенецот Вид Потеко од белорускиот првак.

Дуелот Вардар – Мешков се смета за финале пред финалето, бидејќи тие се двете единствени екипи од СЕХА-лига што се пласираа во нокаут-фазата од Лига на шампиони. Вардар како лидер по групната фаза директно ќе игра во четвртфиналето, каде што за противник го има Кил, а Белорусите во осминафиналето беа елиминирани од Нант.

Токму Мешков Брест е единствената екипа што не загуби од Вардар во 18. мечеви од основниот дел на регионалната лига, ремизирајќи дома 25:25 во февруари, а во септември вардарци славеа со убедливи 31:23.

Вардар има подобар биланс во меѓусебните 12 дуели досега, во кои забележа седум победи, две средби завршија нерешено, а на три се радуваа Белорусите.

 

SHARE