Заедничката комисија за усогласување, односно пишување на македонско-бугарско историја е формирана и наскоро се очекуваат првите состаноци и експертски разговори. За ова говори професор Стојко Стојков, доктор по историски науки на Универзитетот „Гоце Делчев во Штип“ во интерјуто за „Денешен“.

За „пеглањето“ на историјата Стојков, основач на судски укинатата партија на Македонците во Бугарија, Омо „Илинден“–Пирин, вели:

„Идејата не е да се отстранат некои места во учебниците, кои би можеле да побудуваат омраза кон другата нација. Тоа е само камуфлажата на идејата пред Европа. Идејата од која се инспирира Софија е македонските учебници да се усогласат со бугарската национална митологија и идеологија. Не мислам дека бугарската страна ќе прифати воопшто во оваа комисија да се менуваат бугарските учебници по историја.

Бугарската страна очигледно се чувствува и однесува како победник и инспирирана од изреката дека „историјата ја пишуваат победниците“ сега се спрема да ни ја пишува историјата. Научниците во комисијата се исто за камуфлажа. Реално ќе одлучуваат политичарите…
Комисијата не е научна (убаво што го избегнале зборот „научна“ во името!) и не си поставува научни цели. Од научна гледна точка таа е не само апсурд, туку и гротеска…

А токму таков е форматот на оваа комисија. Ако не се согласуваме со бугарските национални догми – ќе бидеме казнувани. Нема Европа,“ вели Стојков.

За претседателот на бугарската комисија за „пеглање“ на историјата, Ангел Димитров, поранешен амабасадор во Македонија кој деновиве на бугарската национална ТВ БНТ, рече дека Делчев бил Бугарин по потекло, а дека македонизмот доживеал крах, но само Македонците во Македонија тоа не го разбрале, Стојков вели:

„Во споредба со ставовите кои ги презентира Димитров, може да се каже дека далеку поприфатлив и полиберален водач на бугарската група ќе беше Тодор Живков.

Не е чудно – самиот тој како историчар е рожба на бугарската историска школа од времето на нејзиниот историски џихад против Македонија (1970-те и 1980-те). Ставовите на Димитров се далеку понастрани и поназадни од оние на комунистичкиот диктатор. Сосема е јасно дека за него нема македонска нација, македонско малцинства исто…

Е, сепак Македонците треба да имаат „некакво лице“, според него, меѓутоа тоа лице не треба да противречи на бугарските стремежи и разбирање за она што значи пријателска Македонија. А, за Бугарија пријателска Македонија е едноставно – немакедонска, бугарска Македонија. Ниту повеќе, ниту помалку. И за него и за сличните на него софиски фундаменталисти проблемот е „македонизмот“…

Проблемот како што е кажано од бугарска страна на илјада директни и прикриени начини е во тоа што има македонска нација и што ние се самоопределуваме како Македонци. Тоа е македонизмот и тоа е проблемот за Софија“.

Стојков во обемното интервју вели дека на Бугарија не и’ е гајле за Гоце (Делчев). „Ако утре ние се откажеме од него – ќе биде заборавен и таму (не дека сега кој знае колку го почитуваат). Ако пак решиме дека наш најголем национален симбол е некоја штала, а национален херој – некој анонимен лудак, Бугарија веднаш ќе развие теза дека ова штала е древно и најсвето бугарско место, а лудиот е најголемиот и славен бугарски херој….

Проблемот е дека за Бугарија ние не треба да постоиме, соодветно не можеме да имаме свои херои, места, симболи, име, јазик… Тоа значи мантрата што Софија ја повторува последните години: Македонија во Европа – да, македонизмот – не“ вели професор Стојко Стојков,

SHARE