Генералниот секретар на НАТО денеска уште еднаш ѝ порача на Македонија дека пред неа е историска шанса за зачленување во Алијансата, под услов да го спроведе договорот од Преспа, за што немало алтернатива, ниту план Б.

„Цврсто верувам дека, кога зборуваме за Бивша Југословенска Република Македонија, Владата сега треба да донесе одлуки за идните чекори. Владата и Парламентот треба да донесат одлуки. Да решат како ќе одат напред, како да реагираат на референдумот и на сите политички импликации и последици од него“, изјави тој.

Норвежанецот нагласи дека, ако демократските институции во Скопје решат да го исполнат целосно договорот со Грција, тогаш НАТО од своја страна е подготвена да ја прими Македонија како нејзина 30. членка, и тоа брзо.

„Нема членство без договор за името. Единствениот начин за членство е оваа земја да се договори за името со Грција. Затоа го поздравуваме договорот со Грција“, рече тој.

Столтенберг уште додаде дека НАТО никогаш нема да ја тера Македонија да донесе одлука, бидејќи станува збор за „суверена одлука на суверена држава“.

„Тоа е шанса што се укажува еднаш во животот. Имаат можност да го искористат овој историски момент“, изјави првиот човек на Северноатлантскиот пакт.

 

SHARE

Comments are closed.