Сторија: Другар на Ципрас и Каменос финансирал “Комити” во Македонија

Кој е човекот што според британска истражувачка група давал пари за организирање протести против менување на името во Македонија?

Се работи за иван Савидис, грчки Понд, човек кој е сопственик на најголемата руска тобако фабрика, бизнисмен кој тежи околу 2 милијарди евра и кој е близок на грчкиот премиер Ципрас и лидерот на владината партија АНЕЛ Панос Каменос.

Рускиот Грк се смета за спонзор на владината коалиција СИРИЗА – АНЕЛ а од пред три години во текот на оваа владина коалиција стана сопственик на стратешки важното Солунско пристаниште.

Во грчкиот парламент Каменос во неколку наврати силно лобирал за Савидис и успеал значително да намали долгови на компанија која што ја купил Русинот.

Савидис е одличен пријател и со министерот за финансии на Грција Еуклид Цакалотос кој е редовен гостин на Русинот во ВИП ложата на ПАОК.

Контраверзниот бизнисмен е сопственик на солунскиот хотел Македонија палас каде што за нова година престојуваше македонскиот премиер Заев а пред една година најави дека во Македонија ќе гради дистрибутивен центар за стоки кои од Кина ќе пристигнуваат во солунското пристаниште.

Савидис на националниот ден на Грција бил дел од високата грчка делегација која била примена во Белата Куќа.

Откако премиерот Зоран Заев изјави дека дел од навивачката група Комити добивала пари од руски бизнисмен за да протестира против Договорот со Грција, Organized Crime and Corruption Reporting Project (OCCRP) објави дека според документи од македонското МВР рускиот бизнисмен Иван Савидис кој живее во Грција исплатил 300.000 евра на десетици македонски политичари, членови на новоформираните националистички организации и хулигани навивачи на Вардар.

Иван Савидис стана пизнат во светската јавност откако во март на натпревар од грчкиот фудбалски шампионат незадоволен од резултатот на својот тим ПАОК влета на теренот со пиштол и се упати кон судиите да ја земе правдата во свои раце. По ова, тој доби забрана за влегување на стадион во следните три години, а требаше да плати и 100.000 евра. На неговиот тим ПАОК му беше одземена титулата.

Освен ПАОК, Савидис поседува дел од солунското пристаниште, дневниот весник Етнос, неделникот Етнос, дневниот весник Имерсија, многубројни магацини, тутунска компанија, минерална вода, хотелот „Македонија Палас“, локална телевизија…  Според Форбс, тој поседува 1,9 милијарди долари и е еден од 30-те најбогатите Руси.

Пријател е и со рускиот претседател Владимир Путин, а бил пратеник во руската Дума од Ростов на Дон од 2003 до 2011 година како член на неговата партија Единствена Русија.

Во јануари годинава неговиот весник Етнос манипулираше со изјава на грчкиот премиер Алексис Ципрас и објави наслов „Македонската нација никогаш не постоела“ како најава за интервјуто со Ципрас кое требаше да го објави наредниот ден. Целосната изјава на грчкиот премиер беше „Македонска нација никогаш не постоела во античко време, како што не постоела и нација на Атињаните или Спартанците“.

Британскиот проект Organized Crime and Corruption Reporting Project (OCCRP) кој го објави името на рускиот грк како одговорен за финансирање немири во Македонија лани објави слична ваква сторија со тоа што тогаш беше обвинета Србија дека се обидела да влијае на состојбите во Македонија.

Тогаш OCCRP објави оперативни сознанија и транскрипти од разговори меѓу српскиот разузнавач Живаљевиќ кој беше присутен во Собранието на 27 април, новинарот Мирослав Лазански и пратеникот Иван Стоиљковиќ.