Стравот од чл.353 од КЗ ја постави Царовска контра Шеќеринска за парите за кампањата

За разлика од вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шеќеринска која вчера јавно најави дека нејзиното министератво ќе даде 60 милиони денари или околу еден милион евра за владината кампања за референдумот, министерката за труд и социјала не сака да каже колку пари ќе даде таа од буџетот на министерството што го води.

,,Министерството за одбрана е едно од тие кои најмногу треба да биде заинтересирано за нашиот стратешки приоритет и од нашиот сектор за финансии испративме информација дека на располагање ставаме нешто помалку од 60 милиони денари, кои беа планирани за слични активности, но кои сметаме дека е подобро да ги искористи Собранието, а не ние поединечно”, рече вчера Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашање.

За разлика од Шеќеринска која отворено кажа дека одбрана дава еден милион евра за кампањата за референдумот Царовска денеска инсистираше на Владата како институција која што треба да каже колку пари секое министерство ќе дава за кампањата.

Внимателноста на Царовска извори во нејзиното министерство ја објаснуваат со законските пречки за одделување на пари наменети за проектите на министерството каде што крајни корисници се социјално загрозени лица.

Царовска деновиве кај правници се интересирала дали за ненаменско трошење на пари од социјални проекти може да одговара пред законот.

За разлика од колешката од одбрана Шеќеринска, Царовска сака пред да донесе одлука за издвојување пари за кампања да добие владина одлука. Со тоа таа како министер и потписник на одлука ќе се заштити од кривичен прогон во иднина доколку се поведе истрага за злоупотреба на службена должност.

Членот 353 од кривичниот законик со кој се санкционира Злоупотреба на службена положба и овластување е една од темите за кои било разговарано на последните лидерски средби а од кој сега актуелните министри се плашат како “ѓавол од крст” поради што и министерката Царовска јавно се позиционира контра вицепремиерката Шеќеринска и не сака да каже ништо за парите за кампањата за референдумот.