„Macedonian“ ги замрзна преговорите за името

Loading...

Според информации од добро упатени извори во спорот за името, причината за најновиот конфликт на релација Скопје – Атина, поради кој преговорите се блокирани, е суштинска.

Според информацијата од Атина, Коѕијас и Димитров во Брисел се договориле за мапата на планот, односно „за текст со многу празнини, кој што требало да биде комплетиран од експертските групи“.

Но, кога дошол момент тие празнини и технички да бидат пополнети, двете страни за најголем дел од нив имале различни решенија и позиции.

Еден од главните проблеми се појавил кај именувањето на нацијата.

Според грчката страна, името на националноста требало да биде опишано како словенска и притоа да биде прецизирано дека станува збор за луѓе кои живееле по 7. век (по доаѓањето на Словените на Балканот).

Македонската страна инсистирала на терминот „Macedonian“, што за Грција значи дека се сметаат за наследници на Александар Македонски и на Филип Втори Македонски.

И тоа не било сè, тврдат извори блиски на преговарачкиот процес.

По судирот за името на нацијата македонските претставници побарале целиот текст да се провери одново, по што грчката страна, која е скептична дека Заев може да спроведе ерга омнес дома, реагирала со замрзнување на преговорите и враќање на експертската екипа во Скопје.

Сепак, според добро упатени извори, сè уште постои шанса за изнаоѓање на решение. Се тврди дека двајцата премиери вложиле премногу во процесот и нема да се откажат од барање решение толку лесно.

Иако шансите за изнаоѓање решение сега се помали од пред една недела, сепак, постои надеж која е засилена со силниот притисок што САД и Германија го вршат на Заев и на Ципрас, тврдат грчките извори.