Сефер Сефери, 39-годишен Албанец роден во Македонија, а со живеалиште во Швајцарија, в сабота во Манчестер ќе застане наспроти поранешниот светски боксерски шампион Тајсон Фјури во неговото враќање во рингот по речиси три години.

Гостиварецот Сефери со скор од 23 победи, од кои 21 со нокаут, како и еден пораз, ќе се обиде на Британецот на негов терен да му ги расипе сметките за успешен кам-бек по ноември 2015 година, кога сензационално славеше над Владимир Кличко во Диселдорф, обединувајќи ги шампионските појаси во тешка категорија на ИБФ, ВБА и ВБО.

Две години помладиот брат на „албанскиот Тајсон“ Нури Сефери досега има боксувано во Германија, Австрија, Швајцарија, Македонија и Косово, а во својот прв настап во Велика Британија против себе во „Манчестер арена“ претстојниов викенд ќе го има 29-годишникот со перфектни 25 победи во исто толку мечеви.

По триумфот на кариерата против Кличко, Фјури имаше проблеми со менталното здравје, доби и суспензија поради допинг, многу се здебели и реши да се повлече од боксот. Но, ја смени одлуката, ослабе и реши повторно да се обиде во рингот.