Свршен чин со името – Пишува Роберт Димитриевски

Откако ѝ се пофали на македонската јавност дека државата со „милениумски чекори“ оди напред по првата година на власт на неговиот владин кабинет, уверувајќи ги граѓаните дека не се ни свесни колку им е (по)убаво откако „дојде животот“, Зоран Заев попатно нафрли и дека „уште вечерва“ би можел да стави крај на речиси тридецениските натегања со Грција за името на македонската држава?! Ако не вечерва, тогаш сигурно до петок, значи задутре, односно еден ден пред најавениот митинг на најголемата опозициска партија, до кога македонскиот премиер требало да се слушне со својот грчки колега Алексис Ципрас. Со други зборови, „наредена е“, само уште да ѝ се соопшти на јавноста „радосната вест“ дека јужниот сосед повеќе нема да ѝ стои на патот на Македонија, која благодарение токму на самопрегорот и на пожртвуваноста на Заев, како и на Шекеринска, Димитров, Османи, конечно ќе „распупи“ како судството, што би рекол претседателот на Владата.

Арно ама, секогаш ќе се најде некој расипувач на забави, во случајов грчкиот весник „То Вима“, кој шашардисаните Македонци од „влажните сништа“ на премиерот и на неговите најблиски соработници брутално ги соочи со реалноста. Името што ќе се договорело, а како фаворит се издвојувала „Северна Македонија“, ќе било протнато низ македонското Собрание како меѓународен договор за кој е доволно и просто мнозинство од 61 пратеник. Згора на тоа, уште летово ќе се применувало новото име во меѓународните односи, и тоа и од оние 137 земји што билатерално ја признаваат Македонија под нејзиното уставно име, откако договорот ќе бил депониран во Обединети нации, при што ќе бил известен Советот за безбедност.

Јаготка на шлагот во оваа „шеќерна приказна“ е дека, како што најави Заев, референдум ќе имало во септември или во октомври. Значи, откако сите ќе почнат да ѝ се обраќаат на Македонија со додавката „северна“, „горна“, „долна“, „тесна“, „широка“ или не знам каква, таа ќе организира изјаснување на граѓаните за истото тоа веќе експлоатирано државно име?!

Да не е трагично, би било смешно. А што ако референдумот биде негативен, односно ако граѓаните го отфрлат новото име? Пак ли ќе му кажат алхемичариве на светот „пу, пу, не важи“, од утре не сме веќе тоа што ви рековме, и тоа само неколку месеци од преименувањето? Ептен сериозна држава би испаднале, иако ретко кој би се изненадил со оглед на сите глупости направени во овие 27 години независност.

Тактиката „по свадба – тапани“, очигледно, им е омилена на Заев и на тие што го советуваат. Ја применија и при насилното „донесување“ на Законот за употреба на јазиците, кој предвидува албанскиот да стане службен на целата територија на државата, покрај македонскиот. И пред да го испорачаат барањето од Тиранската платформа и клучен услов од коалицискиот договор со партиите на Албанците, од кој им зависи Владата, велеа: „Дајте да го усвоиме, па ќе го пратиме на Венециска комисија на разгледување, а недостатоците ќе ги отстрануваме паралелно со примената“.

Идентично постапија и претходно, при кршењето на сите возможни законски и процедурални норми при „изборот“ на Талат Џафери за спикер на Парламентот. Демек, „ние ќе го избереме, а вие оспорете ја одлуката пред Уставен суд“. Тие што им поверуваа, дури и постапија така, како она здружение на правници и адвокати од Битола, па дури и граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“. И? Од Уставен суд ни трага, ни глас. Со прст не мрдна во однос на тие претставки.

Уште порано, истото решение го нудеа кога претседателот Ѓорге Иванов не му го даваше мандатот на Заев за составување Влада поради доведување на земјата во подредена положба во однос на друга држава со платформата што ја потпишаа партиите на Албанците од Македонија пред албанскиот премиер Еди Рама. И тогаш муабетот беше „граѓанинот Иванов“ да им даде мандат, а кој не мисли така, нека се обрати до истиот Уставен суд спомнат погоре.

Мора да се признае дека имале и одлични советници, и тоа домашни, за тактикава на свршен чин и наметнување решенија на кои се спротивставува огромен дел од граѓаните, посебно Македонците, кои се и најмногу засегнати. Таблите со нови имиња, меѓу кои и на паднати борци на УЧК, на училиштата во Чаир уште сведочат за тоа како изгледа во пракса кога ќе се спроведе нешто што потоа е многу тешко да се исправи, а уште потешко да се врати во првобитната состојба.

За „генијалците“ што ја измислија и педантно ја исполнуваат силеџиската стратегија за правење по свое по секоја цена, со божемно оставање простор граѓаните потоа да го вратат тркалото назад, едно просто прашање: што ако, на пример, некому му текне да ја врати смртната казна? И штетните последици од таков закон ли ќе можат да се поправат дополнително, ако тој почне да се спроведува и погрешни или луѓе без вина почнат да губат глава? А, господа?

Истото тоа, ако не и уште повеќе, важи и за името на државата. Еднаш кога ќе го смените, крај на приказната. Тие на кои сте им го ветиле тоа, сигурно нема да дозволат граѓаните на таму некоја си бивша југословенска република на референдум да ја урнат одлуката за која вложиле толку многу, и покрај тоа што огромен број Македонци на неа гледаат како на смртна казна за нивната татковина и идентитет. Повторениот референдум во Ирска по „погрешното“ гласање за Лисабонскиот договор е најдобра потврда за тоа.