Тачи платил половина милион евра за средба со Трамп

Косовскиот претседател ангажирал американска компанија да му обезбеди средба со американскиот колега, но засега нема повратна информација дали таква средба и ќе се оствари.

Точно 517.198 евра и 56 центи од државниот буџет биле префрлени во јануари на сметка на компанијата „Ballard Partners“ од Вашингтон.

Во договорот било наведено дека парите се наменета за консултантски услуги, за потребите на Кабинетот на претседателот, известува КТВ.

Претседателот Хашим Тачи ја избрал оваа компанија, поради блискоста на првите луѓе на компанијата со канцеларијата на претседателот Трамп.

Како што пренесуваат косовски медиуми, Брајан Белард, на 20 март се состанал со Доналд Трамп и го предал барањето за  средба со претседателот Хашим Тачи.

„Алоцирањето“ на милиони евра, првично за автобиографијата на претседателот Тачи и сега за оваа намена, се смета за злоупотреба на јавните пари за „регулирање на имиџот“ на косовскиот претседател, пишува „Газета Експрес“.

Парламентарниот спикер, Фатон Топали, вели дека претседателот постојано ги злоупотребува јавните пари, а пратеникот, Илир Деда, вели дека постои сомневање за тоа како се трошат парите на даночните обврзници. Сите сомнежи се очекува да бидат докажани од парламентарната комисија формирана од страна на Собранието, која ќе ги испита сите документи на владата и на кабинетот на претседателот за потрошените пари.

Инаку, Брајан Белард има лични односи со претседателот Трамп и по освојувањето на републиканците, ја префрли својата канцеларија од Флорида во Вашингтон.

Неговата компанија, покрај Косово, лобира во САД и во име на владите на Азербејџан, Доминиканската Република, Катар и Турција.

Оставете Коментар