Стражарно приведување на премиерот Зоран Заев заради соочување со него и претрес во седиштето на СДСМ побара Горан Наќевски, татко на едно од убиените момчиња кај Смилковски Езеро, на денешното рочиште во судскиот процес за случајот „Монструм“.

Наќевски побара, а судијата Огнен Ставрев, му дозволи неповикан да даде изјава под морална и кривична одговорност, во која тој го обвини Заев за манипулација и уцена со доказите што им ги покажал на родителите на убиените за вмешаност на функционери на ДУИ, кои, според, него, се во седиштетот на владеачката партија.

„Кога бевме кај Заев, тој рече дека ќе ни даде шест разговори што се државна тајна за шест функционери на ДУИ, кои подоцна станаа пет. ДУИ тогаш беше нивни противник. Заев ни ги покажа транскриптите, ни го посочи Невзат Бејта (ексградоначалник на Гостивар – н.з.) и ни покажа транскрипт од разговор меѓу Бејта и обвинетиот Фејзи Азири. Не го исполни ветувањето, од политички причини не ни ги даде тие пет државни тајни. Сметаме дека тие материјали се во седиштето на СДСМ. Бараме да се изврши претрес, бидејќи сметаме дека Заев манипулира и уценува“, изјави таткото на убиениот Александар Наќевски.

„Се слушаше гласот на Фејзи Азири и непознатото лице: ‘Вечерва сонував лош сон. Сонував како му ги врзуваат рацете на момчето и плачев. Си велев, да не не се израдувам, да не не го завршам тој никаквец’“, додаде мајката Зорица Наќевска.

Денешното прво рочиште за случајот „Монструм“ по неговото преземање од Специјално јавно обвинителство е одложено за 15 мај поради болест на еден од осомничените.

Масакрот се случи на 12 април 2012 година, Велики Четврток, кога беа убиени момчињата Александар Наќевски (18), Кире Тричковски (21), Филип Славковски (20) и Цветанчо Ацковски (19), како и рибарот Борче Стефановски (45).

За петкратното убиство во предвечерјето на големиот христијански празник Велигден на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута. Но, во декември минатата година Врховен суд ја укина пресудата, го врати случајот на повторно судење, а на осудените им одреди мерки на претпазливост. Двајца од нив, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, не се достапни на органите на прогонот.

(фото: Инфомакс.мк)

 

SHARE