Таткото на малата Ева: Тие немаат чувство, директорот на ФЗО Ден Дончев лаже

Моето дете ништо не може да го врати. Јас собрав од донации 200.000 евра, но сега сè е залудно. Велам дека не е точно тоа што се кажува за обидот да ја лекуваме Ева во Германија со цел некој во оваа држава нешто да преземе. Со овие зборови Благојче Крстаноски, татко на 11-годишното девојче кое почина пред да замине во странство, одговори на сочувството што вчера јавно, од прес-конференцијата во Владата му го изразија Ден Дончев, директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) и министерот за здравство Венко Филипче.

Неговата изјава ја пренесува НЕЗАВИСЕН.

– Треба да се направи сè за нашата трагедија да не му се случи на друго дете. Тие немаат чувство. Треба да се гледа најдобрата варијанта. Не е важно дали државата ќе потроши 100.000 евра помалку или повеќе ако спаси еден детски живот. Ние не сме единствен случај, има доста и ќе има. Јас се молам да бидат што помалку. Зборувам јавно зошто не сакам ова да се повтори и на друго дете – вели Крстаноски во разговорот за „Независен весник“.

Со документите што ги објавува Независен тој ги демантира тврдењата на Дончев дека немало понуда од германска клиника. Крстаноски тврди: и тој лично, и претставници на ФЗОМ пред него комуницирале со лекарот што требало да ја прими Ева во болницата „Гисен“ во Германија, а доставил и уште една профактура од болница во Диселдорф. Од „Гисен“, каде што Крстаноски сакаа да ја лекуваат Ева, во имејл-комуникација одредиле приближна сума за лекувањето. Не издале профактура оти целата сума немало да ја плати ФЗОМ, туку требало да се вклучи и семејството со парите собрани од донации. Фондот инсистирал да добие профактура за да ги испочитува законските прописи. Профактура испратила клиника од Диселдорф. Таа била 420.000 евра, пренесува Независен.

– Лично во мое присуство, од ФЗОМ му се јавија на професорот во „Гисен“ кој требаше да ја лекува Ева. Тој им ја објасни целата ситуација. Рече дека не може да се даде точна сума, дека тоа зависи од лекувањето, но во нормални услови би чинело од 200.000 до 300.000 евра. Тоа го испрати и во имејл. Им образложи дека имаат големо искуство со тој начин на лекување. Јас до Фондот го приложив тој имејл. Потоа повторно нè одбија и тоа со задоцнување од една недела. Нè излажаа дека има профактура од една клиника, а потоа испадна дека имало од три – од една од Италија и од уште една од Турција.

Дончев потврди дека ФЗОМ добил три понуди за лекување на Ева: од италијанската детска болница „Бамбино џезу“ на 158.000 евра, од турската „Медикал парк“ со 92.000 евра. Тоа е онаа болница со која минатите години ФЗОМ интензивно соработуваше, соработка проследена со сомнежи дека некој земал провизии за да ги праќа македонските пациенти таму. Клиниката „Газиосман паша“ во Истанбул, која ФЗО ја одобрил, ќе ја лекувала Ева за 145.000 евра.

Целиот текст и документите за случајот на независен