Текстот на Ванковска што „Катимерини“ 10 дена го чуваше „во бункер“

Професорката Билјана Ванковска пред две недели добила барање да напише кратка анализа за договорот за името. Највлијателниот грчки весник „Катимерини“ ја објави 10 дена откако е испратена, а двете земји во меѓувреме го потпишаа договорот.

Целата анализа на Проф. Ванковска
Напишано на 13 јуни 2018

Многу е тешко да се понудат сериозни коментари за договор што беше скриен до вчера, кога вашиот почитуван весник ја објави оригиналната верзија. Во целиот процес недостига транспарентност, договорот дури беше скриен и од политичките актери кои имаат ингеренции во меѓународните односи (како што е претседателот на Републиката).

И покрај претходните политички изјави сега состојбата е поинаква, сега е очигледно дека немаме национален консензус, дури ни политички консензус.

Елитите во Република Македонија не успеаја да изградат јасна државна политика и стратегија во однос на прашањето за името (како што направи Хеленската Република од почетокот. Тоа се гледа на пример од премиерот Заев кој изјави дека нема “црвени линии” за името.

Во своето незнаење, за време на интервјуто за еден грчки телевизиски канал, тој зборуваше за “сјајни линии” со цел да укаже на излез од ситуацијата, наведувајќи го “Ариатид” (што всушнодт е Аријадна), но заврши со Пандорината кутија.

Никогаш не сум се согласувала со претседателот Иванов, но овојпат тој сфати дека предложениот договор е јасно прекршување на Уставот, не дава достоинствено (ниту е понудено) решение и претставува рецепт за внатрешни превирања.

Наместо да се стабилизира или да се движи напред, владата на Заев, која досега не успеа да даде нешто значајно во однос на демократизацијата, може да ја доведе земјата во нов бран на нестабилност, поларизација, па дури и конфронтација.

Дека патот кон пеколот е поплочен со добри намери се потврдува повторно. Могерини и Хан се премногу оптимисти во тврдењето дека “ова достигнување им припаѓа на лидерите на двете земји и нивните тимови, но првенствено им припаѓа на сите граѓани на двете земји и на Европа како целина”.

Ова е несоодветно политичко претставување на граѓаните на двете земји, кои не се дел на процесот. Договорот беше поттикнат (ако не и целосно изготвен) од странски експерти.

Интернационалците околу Нимиц соработуваа во обид за укинување на уставот, и ова е погрешно. Владеењето на правото е многу скапоцено насекаде.

Овој процес оди против сите прокламирани политики на меѓународната заедница, кои треба да го зајакнат владеењето на правото на Западен Балкан.

Во Грција, опозициските партии се силни и слободата на медиумите е силна. Наспроти тоа, граѓаните овде се изложени на притисоци без преседан за прифаќање на договор, освен ако не сакаат да бидат етикетирани како антизападни, примитивни и националистички.

Изјавата на Туск дека “невозможното станува возможно” звучи цинично, бидејќи владата се откажа од двата најважни столба на националната позиција: нема уставни промени (претходно уставот залудно беше изменет со истата цел), и отфрлање на принципот на erga omnes.

Не само што Заев се согласи на уставни промени, што по дефиниција подразбира мешање во суверените внатрешни работи на државата, туку тој се согласи дека новото име треба да се применува внатре и надвор.

Не е ни чудо што мнозинството граѓани (вклучувајќи ја и опозицијата) го доживуваат овој чин како капитулација. Текстот на договорот ги исмејува сите меѓународни правни норми кои гарантираат индивидуални и колективни права.

Владата на Заев жртвуваше сè што не е за продажба (било тоа заради членство во НАТО или во ЕУ), и иронично прифати многу “иредентистичко” име (каде е Јужна Македонија?).

Во овој бран на вештачка еуфорија, многу малку се мисли на цената на договорот (водени од геополитички загриженост, а не од грижа на граѓаните), во смисла на општествените и економските трошоци за ова “достигнување”.

За жал, институциите на двете држави не успеаја да воведат мерки за градење доверба и да развијат процут на културни, спортски, академски и други врски меѓу граѓаните на двете општества.

 

SHARE