Тешко си на Хутите со Македонија – Пишува Роберт Димитриевски

Воените водачи на Хутите од завчера сон не ги фаќа. Припадниците на милитантната група на шиитската секта Заиди од Јемен се чудат, се распрашуваат која е и каде е таа Македонија што остро ги осудила нивните ракетни напади врз градови на Саудиска Арабија на 25 март. Страв во коски им втерало соопштението на македонското Министерство за надворешни работи, посебно крајот во кој тоа им порачува дека нападите „треба веднаш да престанат“, бидејќи „ги поткопуваат напорите на новиот специјален претставник на генералниот секретар на Обединети нации за Јемен“.

Уште кога од писанието на МНР разбраа дека „ракетните напади врз Саудиска Арабија претставуваат флагрантно кршење на меѓународното право и ја загрозуваат регионалната и меѓународна безбедност“, членовите на моментно номиналната владеачка фракција во државата на југот од Арапски Полуостров побрзаа подлабоко да се сокријат во пустинскиот песок. Додека го подмачкуваат оружјето и се подготвуваат за судир со неочекуваниот противник, „божјите помошници“, како што се нарекуваат, токмат и уште еден ред за Македонија во своето лого, кое гласи: „Бог е голем, смрт на Америка, смрт на Израел, клетва на Евреите, победа на исламот“.

Има и зошто да се распаметени Хутиве. Не се само тие вознемирени. И Русите уште не можат да се свестат од ударот што им го зададе Владата на Заев со протерувањето еден дипломат од нивната амбасада во Скопје, во знак на солидарност со Велика Британија во случајот со труењето на поранешниот двоен шпион Сергеј Скрипал. Толку беа зашеметени, што три дена им требаа за да реагираат со реципрочна контрамерка во вид на протестна нота и најава за прогласување непожелна личност на еден дипломат од македонската амбасада во Москва, во која единствен со таков статус во моментов е амбасадорот Карајанов.

Тие што внимателно ги следеа потезите на двете страни, сигурно забележаа дека објавата од руското МНР стигна дури откако Заев ѝ порача на Русија да не се тревожи, бидејќи „сакаме да станеме членки на НАТО не затоа што ние сакаме да напаѓаме некого, туку за да се грижиме за мирот заедно со останатите земји-членки“. Соработниците на Путин велат дека, штом го слушнал тоа рускиот претседател, на неговото загрижено лице се појавила широка насмевка од што му олеснило, па побрзал да му се јави на колегата Иванов за да му каже дека од македонската земја во Русија не дошла само писменоста, ами и мудроста. А дипломат ќе мора да ни протера повеќе од чалам, отколку што сака да си ги мери силите со нас, пу-пу скраја било.

Мора да слушнал Владимир од Ким Јонг-Ун како изгледа кога македонскиот премиер ќе ти застане отспротива. Уште му одѕвонува во ушите на преплашениот севернокорејски лидер од обраќањето на Заев во септември од говорницата во ОН, кога пред целото Генерално собрание му порача дека „длабоко сме вознемирени од унилатералните акции на Северна Кореја“, мислејќи на нуклеарните проби. „Веруваме дека мирната денуклеаризација на корејскиот полуостров е изводливо решение и затоа ја повикуваме Северна Кореја веднаш да се откаже од нуклеарната и ракетната програма и да го потпише и да го ратификува договорот за забрана на нуклеарни проби“, му кажа тогаш Заев, по што Ким три недели не излегуваше од дома од уплав.

Нека му ја мисли сега Трамп. Уште тој од факторите на меѓународната сцена остана негибнат од новата македонска надворешнополитичка доктрина од лани наваму. Подобро за него да остане така и нека гледа некако да го протне во НАТО разјарениов тигар од Балканот, за да не му излезе од контрола, па маф да направи сè околу себе. Изгледа затоа и беше смрачен вчера Коѕијас во Виена, па еве шанса набрзина да ги „смандрљаме“ и Грците додека не го сфатиле вицот.

И нека не мудруваат многу разно-разните експерти за сè и сешто, па овие обиди на малата Македонија да се промовира во голем играч на светската сцена да ги толкуваат според народната „видела жабата кај го потковуваат коњот, па и таа кренала нога“. „Седи бе, не ме знаеш“ е најмалку што може да ги снајде како одговор.

 

Оставете Коментар