Тирана мора да одлучи помеѓу ЕУ и Турција

Албанија, мора да сфати дека нејзиниот – но и изгледите на земјитеод Западен Балкан -за економски раст, просперитет, слобода и одржлива демократија ќе дојдат само со блиска поврзаност со ЕУ, а не со Турција, се вели во анализа на Алон Бен-Меир што ја пренесува порталот Ahval.

Турската владејачка Партија на правдата и развојот (АКП) е гласна во својот сон да го прошири влијанието врз државите што порано биле отомански територии; а во оваа доктрина за надворешна политика позната како „нео-отоманство“,  Албанија е една од главните области на интерес на Турција.

„Доколку Албанија и понатаму кокетира со Ердоган, вратата за членство во ЕУ ќе се затвори“, тврди авторот на анализата и објаснува дека Ердоган, под маската на културната соработка, е решен да ги вклучи балканските земји во неговата сфера на влијание со ширење на својата исламска агенда.

Турскиот претседател, имено, инвестира многу во инфраструктурата и религиозните институции на овие земји. Ердоган во интервју за албанската телевизиска станица „Топ ченл“, изјави  дека Турција вложила три милијарди евра во Албанија.

„Турските инвестиции во Албанија се селективни и стратешки пресметани. Тие вклучуваат сопственост на втората по големина банка во земјата, хидроелектрани, постројка за топење на железо, како и на поранешниот државен телекомуникациски оператор „Албтелеком“ и мобилниот оператор „Игл Мобил“.

Во новиот пакет за проширување препорачан од Европската комисија, Албанија ќе биде меѓу првите што ќе започне разговори за пристап со ЕУ.

„Овој потег ја отежнува решеноста на Турција да ги покжува своите економски мускули за да ги привлече Албанија и другите балкански држави во својата геостратешка орбита“, се вели во анализата.