Трајковска: Сменија коалиција и продолжија да цицаат

Првиот човек на Институтот за комуникациски студии Жанета Трајковска со критика за кадровските решенија на Владата.

Откако по ДОМ на Лиле Поповска и Демократскиот Сојуз на Павле Трајанов денеска и Сојузот на Ромите стана дел од владата, Трајкоска бара да биде направена очекуваната разлика а не да се повторуваат старите погрешни политички навики.

Предходно овие партии со години беа во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

“На Македонија и треба(ше) разлика. На нашето општество му треба(ше) доказ дека има разлика. И не само со слатки зборови, туку со дела господа и госпоѓи! Македонија мора(ше) да увиди дека постои и поинаков начин на управување со државата, а не само политички пазари, ценкања, уцени и вештачки коалиции.
Не треба(ше) да биде најважно чии партиски задници ќе седнат на функционерски, директорски и советнички столчиња, туку со каков професионален и умствен капацитет располагаат тие што сакаат да бидат дел од власта и каква е нивната ИДЕЈА, ВИЗИЈА и ПЛАН за Македонија.
Вака излегува дека партиите постојат САМО за да ги УХЛЕБАТ нивните членови и како пијавици да ни се закачат на нашиот граѓански грб…едноставно да продолжат да не цицаат таму каде што се уште има траги од забодените пипци на претходната власт. Некои од нив не ги ни извадија забите, туку само ја сменија коалицијата и продолжија да цицаат.
И не, не ја гледаме разликата во партиските пазарења и крчмењето на колачот наречен функција, моќ, влијание, буџет и државна плата.
102,3 и 105 % погрешно”, вели револтираната Трајковска.