Убиен лидерот на самопрогласената Донецка Народна Република

Лидерот на самопрогласената Донецка Народна Република (ДНР), Александар Захарченко, загина во експлозија во ресторан во центарот на Донецк, потврди пратеникот на Народниот совет на ДНР, Владислав Бердичевски.

Информацијата ја потврдија од администрацијата на лидерот на ДНР, кои соопштија дека Захарченко загинал во терористички напад.

Претходно, извор од безбедносните структури на самопрогласената република на територијата на Украина извести дека во експлозијата бил повреден министерот за приходи и за даноци Александар Тимофеев, кој е префрлен во болница. Во нападот се ранети уште двајца.

Ресторанот се наоѓа на стотина метри од резиденцијата на 42-годишниот Захарченко, чие убиство го осуди Москва, наведувајќи дека тоа може да го наруши мировниот процес во Украина.

Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, изјави дека „постојат причини да се верува“ оти зад убиството на Захарченко стои Киев.

 

Оставете Коментар