Најмалку 52 Палестинци се убиени, а 2.400 повредени од израелските трупи, соопштија палестински официјални лица, во најсмртоносниот ден на насилство по војната во Газа во 2014 година.

Палестинците протестираа со недели, а нивното незадоволство еруптира дента кога САД ја отворија својата амбасада во Ерусалим, бидејќи на тој чекор гледаат како на американска поддршка за израелско владеење со целиот град, чиј источен дел тие го сметаат за свој.

Сепак, американскиот претседател Доналд Трамп го поздрави потегот во видео порака.

„Израел е суверена нација со право да го определи својот главен град, но многу години ние не успевавме да го признаеме очигледното“, рече тој, додавајќи дека „САД остануваат посветени на олеснувањето на траен мировен договор“.

Израелската војска соопшти дека 40.000 Палестинци учествувале во „насилни немири“ на 13 локации по должината на безбедносната ограда во појасот Газа. Снајперисти, авиони и тенкови биле користени против воени позиции на Хамас во северниот дел на Газа. Насилни судири имаше и меѓу израелската полиција и демонстранти што носеа палестински знамиња пред новата амбасада.

Утре се очекуваат уште поголеми протести, бидејќи станува збор за денот познат кај Палестинците како „катастрофа“, кога беше создадена израелската држава.