Милан Мијалковиќ, уметник роден во Македонија кој живее во Виена од 2001 година, почнувајќи од денеска сака да привлече внимание за состојбата на работниците на црно во Австрија со инсталација во вид на камион со огромна женска града од која тече вода.

На возилото што за една недела ќе стои на три локации во градот пишува „Нелегалните работници добиваат вода“, алудирајќи на цитатот „Секој има право на работа и слободен избор на вработување, на правични и задоволителни работни услови“ од Универзалната декларација за правата на човекот од 1948 година.

На задниот дел од возилото што се користи во акцијата на Мијалковиќ насловена „Виенска Марија“ има женска града со дијаметар од два метра, од чија брадавица тече студена вода. Тој планира да се паркира на „Тристер штрасе“, на „Хербстштрасе“ или на „Брунер штрасе“ до 30 август.

Основната порака е каков гест да се направи кон оние што работат на црно, при што чашата вода како „егзистенцијален минимален консензус“ во неговата акција станува мобилна фонтана.

Нелегалните работници, посебно од Источна Европа, кои не се осигурани социјално, здравствено и за несреќа при работа, се во фокусот на уметничкиот ангажман на Мијалковиќ, кој во 2016 година објави серија албуми со тајно направени фотографии од страна на работници на црно од нивните работни места.

 

SHARE