Бенце Фолди, политиколог и слободен новинар што ги покрива Балканот и други теми во различни унгарски медиуми, во анализа за „Балкан инсајт“ се осврнува на игнорирањето од западните елити на резултатите од референдумот во Македонија.

Написот насловен „Западот не ја почитува волјата на македонскиот народ“ го пренесуваме во целост:

„Сите беа изненадени по гласањето за прашањето за името во македонскиот Парламент минатиот петок.

Неколку пратеници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ решија да не опстојат на партискиот став за ова прашање и наместо тоа гласаа во прилог на промена на името на земјата како дел од договорот за нормализација на односите со Грција и на тој начин отворање на патот кон членство во ЕУ и во НАТО.

Затоа и не е изненадување дека тие пратеници добија закани по гласањето и оти полицијата ги заштитува.

Мнозинството Македонци не гласаа на референдумот што се одржа на 30 септември околу можната промена на името.

Знаеме дека многумина не гласаа поради ставот за прашањето на поранешната владеачка партија ВМРО-ДПМНЕ. Националистичката партија е премногу горделива за да му стави крај на спорот за името со Грција. Симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ дури и ги прославија резултатите од референдумот.

Но, народот реши – и покрај западното мешање во текот на кампањата. Германската канцеларка Ангела Меркел и австрискиот канцелар Себастијан Курц, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и државниот секретар на САД, Џим Матис, се обидоа да ги убедат македонските гласачи дека мораат да го сменат името на земјата за влез во ЕУ и во НАТО.

Не успеаја, но токму како СДСМ и македонската Влада предводена од него, западната елита не може да го прифати резултатот и сега сака да ја протурка промената името на поинаков начин, преку политичкиот и судскиот систем на Македонија. Оттука парламентарното гласање минатиот петок.

Западот е загрижен од растешкото влијание на Русија, на Турција и на Кина во регионот и ете зошто прави сè што може за да го покаже потенцијалот на евроатлантската интеграција. Дури и ако тоа значи дека треба да го игнорира начинот на кој функционира демократијата.

„Разочарани сме од позициите на раководството на ВМРО-ДПМНЕ во врска и со референдумот, и со чекорите во Парламентот за промена на Уставот“, минатата недела напиша Вес Мичел, помошник државен секретар на Стејт департмент на САД за Европа и за Евроазија.

Оваа изјава ни покажува дека земјата што тврди дека шири демократија, САД, не може да ја профати демократската одлука на македонскиот народ.

Ситуацијата е слична со тоа што следуваше по референдумот за Брегзит во Британија. На народот му беше дадено да одлучи, но откако гласачите не решија како што посакуваше западната елита, таа протестираше за резултатот.

Не ме сфаќајте погрешно – ниту на мене не ми се допаднаа резултатите од овие референдуми, но ги прифаќам бидејќи тие се последица на длабоки демократски процеси.

Но, како што ни покажуваат зборовите на Мичел, Западот не може да ги прифати принципиоте на народниот суверенитет. Во писмото што тој му го напиша на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Мичел рече дека ВМРО-ДПМНЕ се води од ‘партиски интереси’.

Добро, не можам да го оспорувам тоа, но мора да видиме дека и Владата водена од СДСМ го искористи референдумот за политички профит.

Кабинетот на премиерот Зоран Заев сака да го сокрие недостигот од реформи со проактивна надворешна политика. Тој склучи договор со поранешните ‘непријатели’ Бугарија и Грција. Но, во меѓувреме, не направи многу за младите луѓе во Македонија или за да го зголеми животниот стандард. Ниту, пак, досега ги спроведе потребните судски реформи.

Луѓето ги чувствуваат тие пропуштени можности – тоа можеме да го видиме од истражувањето на јавното мислење спроведено од Интернационален републикански институт (ИРИ) летоска.

Во анкетата на ИРИ македонскиот народ ги спомена економијата, прашањето за името, невработеноста, нискиот животен стандард, како и ниските или неисплатени плати и пензии како најсериозни проблеми со кои се соочува државата.

Повеќе од половината од населението смета дека економската ситуација ќе биде иста или полоша во следните две години, според истражувањето. Само 17 проценти од граѓаните сметаат дека нивниот севкупен квалитет на живеење се подобрува, наспроти 59 отсто кои сметаат дека нивниот квалитет на живот ќе остане ист.

Истата анкета откри дека некој емигрирал во 44 проценти од сите македонски семејства во последните три години и оти 62 отсто од населението чувствува дека Владата не прави ништо за младите луѓе. Две третини од Македонците изјавија дека не му веруваат на судскиот систем.

Сè на сè, 49 отсто од населението мисли дека оствареното од сегашната влада на СДСМ е исто или полошо отколку тоа на поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ, според истражувањето.

Ова се огромни проблеми што Владата сака да ги сокрие со нејзините одлуки во надворешната политика. Таа сака да протурка промена на Уставот за да го замени името на земјата со меѓународна помош за да ја добие потребната политичка моќ , бидејќи сите анкети покажуваат дека мнозинството од народот сака членство во НАТО и во ЕУ.

Но, во овој демократски референдум тие не го артикулираа тоа. Тоа е неуспех на Западот и на Владата.

И токму поради тоа проблематично е тоа што Владата предводена од СДСМ и Западот се обидуваат да го променат името на земјата со сила – што нема да се случи лесно, дури и по резултатите од гласањето во Парламентот во петокот“.

 

SHARE

1 Коментар

  1. Се додека не се примени Стратегијата за името на проф. д-р Игор Јанев во Генералното собрание на ООН проблемот со името нема да се реши!

Оставете Коментар