Уста(в) ги болело – Пишува Роберт Димитриевски

Негаторите на македонскиот национален идентитет повеќе немаат потреба да докажуваат дека тој е творба на Тито и/или на Коминтерната. Тезата за вештачки создадениот етнос заради приграбување територија од Грција и заради ослабување на Бугарија веќе нема зошто да ја образлoжуваат тие што под Македонци подразбираат само жители на територијата со тоа име, а не и посебен народ. Уште помалку во иднина ќе мораат да аргументираат дека имале фалсификувана историја истите тие припадници на, нели, измислениот македонски народ.

Сето тоа на послужавник им го сервира изменетата Преамбула на Уставот на идната Република Северна Македонија, врз основа на вториот од четирите амандмани предложени од Владата на Заев. Конструкции, измислици, фабрикации, мешање баби и жаби е само дел од нацртот со кој треба да се задоволи Грција, а за сметка на чувствата на мнозинското население во државава што се идентификува себеси како македонско.

Прво и основно, што е ако не креирање лажна историја исказот „…свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Северна Македонија…“? За која црна Северна Македонија се бореле и загинале Гоце, Даме, Питу, Карев, Сандански, Ацев, Пинџур, Дуња, Кузман, Стив и плејада нивни соборци, кога во нивно време имало само една и единствена Македонија? Ни северна, ни јужна, ни северозападна, ни европска, ни тесна, ни широка…

Второ, како може Охридски договор да се стави во ист кош, а со тоа и да му се даде еднаква тежина и значење со Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија од 1944 година и со референдумот за независност од 1991 година?! АСНОМ и 8 Септември се синоними за триумф во борбата за државност, за разлика од Рамковен договор, со кој беше ставен крај на крвавиот конфликт од 2001 година. Тој почна „за ослободување на албанските етнички територии од славомакедонската окупација“, како што објаснуваа првите коминикеа на ОНА, чии припадници тогашниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, ги нарече ладнокрвни убијци и криминалци, за преку ноќ да станат борци за човекови права, а подоцна и до ден денешен дел од власта. Оттаму и асоцијацијата на пораз кај многумина Македонци кога ќе се спомнат настаните од пред 17 години, во кои седумдесетина војници и полицајци го загубија животот, а неколку стотини беа повредени, некои од нив останувајќи инвалиди.

Трето, АСНОМ е носечки столб на современата македонска држава, па не може кој како сака да го толкува и од него нешто да зема, а друго да отфрла, само за да се задоволат соседите. Ако Прогласот влетува во Преамбулата на местото на одлуките, „за да не се протолкуваат како аспирации кон териториите на нашите соседи“, како што вели премиерот, а мисли на Грција и на Бугарија, тогаш што правиме со Германија и со Италија? Што ако и тие се почувствуваат непријатно од самото спомнување на македонската антифашистичка борба против војниците од овие земји во Македонија во Втора светска војна?

Да не излезе на крај дека ќе треба и да се извини овој народ за над 25.000 свои жртви во тој судир, во кој се дрзнал дури и да извојува победа. Или за масовниот бојкот на референдумот на 30 септември, со кој стави јасно на знаење дека не се согласува со преименување на државата ни заради членство во НАТО и во Европска унија. Колку и да се обидуваат непринципиелната коалиција на власт и нејзините ментори тоа да го игнорираат и, спротивно на народната волја, да ја туркаат уставната ревизија, со уста полна наводни придобивки од откажувањето од тоа што си. На што кумановци би рекле само – „уста ги болело“.   

 

SHARE

2 Коментари

  1. Покасно нема да може да се исправи грешката, кога се ке пропадне во Грчкиот парламент, поради тоа што шиптарите ќе се повикаат на Бадентеровото ДВОЈНО мнозинство, а претседателот Иванов ќе биде Импичуван односно ќе имаме нов Претседател, веројатно шиптар или предавник-Македонец.
    И откога со АМАНДМАН може да се МЕНУВА Преамбулата на еден Устав?? На крај, поради членот 36, Преспанскиот договор ќе падне во Грција!

    • Но и пред да стигне во Грчкото собрание, сите овие промени на и во Уставот треба да бидат отфрлени кај нас, бидејќи со нив се врши обид за бришење и самоукинување на националниот идентитет, суверенитет, независноста и државност, и со тоа обид за комлетната дестабилизација на Македонија. Кусо, се работи за фундаменталното загрозување на националната безбедност.

      НАРОДЕ МАКЕДОНСКИ РАЗБУДИ СЕ !

Оставете Коментар