Утре во Атина протест „за правата на влашките Грци во Скопје“!

Покрај „за грчкиот карактер на Македонија“, што синоќа изведе десетици илјади Грци на улиците во 24 грчки града, за утре во Атина е најавен и протест на организација наречена „Комисија за заштита на правата на влашките Грци што живеат во Скопје“.

Медиумите во Грција ги оценија позитивно вчерашните демонстрации под мотото „Македонија значи Грција“, нагласувајќи дека тие поминале мирно и без партиски обележја, иако граѓаните добиле поддршка од опозицијата, од локалната самоуправа во градовите каде што се протестираше, како и од свештенството.

Задоволство од одзивот изрази и Отон Јаковидис во името на организаторот „Комитет за борба за грчкиот карактер на Македонија“, кој за телевизијата Скај изјави дека било јасно оти „народот е координиран, подготвен и бара да се почитува неговиот став“. Според него, луѓето не само што се противат евентуално договореното име за северниот сосед да го содржи зборот „Македонија“, туку и бараат референдум за тоа во Грција.