Ване Цветанов: Зоран Заев е новиот и модерен Гоце Делчев!

Поранешниот директор на Управа за спречување на перење пари и финансирање тероризам, Ване Цветанов, во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24 го спореди премиерот Зоран Заев со македонскиот револуционер Гоце Делчев!

„Според мене, за визијата што ја има Зоран Заев, без разлика дали некои го етикетираат како предавник или не, тој е новиот и модерен Гоце Делчев во оваа држава, затоа што тој ги гледа работите сто години нанапред“, рече Цветанов во дебатата со политичкиот аналитичар Александар Пандов на тема „Каде оди ВМРО-ДПМНЕ?“

„Со Договорот (од Преспа – н.з.) не е сè затворено, а има работи кои треба да се дефинираат. Самото однесување од врвот на ВМРО-ДПМНЕ прати лоша порака. Во иднина тешко дека опозицијата ќе може да создаде добри релации со партиите од западниот свет“, дополни тој.

Цветанов четири години беше директор на Управа за спречување на перење пари и финансирање тероризам во почетниот период од премиерувањето на Никола Груевски, по што си даде оставка, обвинувајќи го тогашниот претседател на Владата за селективност во борбата со организираниот криминал. Потоа стана член на ВМРО-ДП на експремиерот Љупчо Георгиевски, а во 2013 година беше уапсен во операцијата „Шпион“.