Откако вчера академик Владо Камбовски жестоко одговори на реакциите по неговата изјава дека организиран бојкот е казниво дело и „критичарите“ ги нарече јавачи на покалипсата, на Фејсбук одговори професорката Биљана Ванковска која вели дека „како негов бивш студент и од него и од другите научив што е устав и закон, изгледа премногу добро“

„Колегата-професор, целосно ставен во кампања која е организирана, па и незаконски платена со државни средства, и тоа исклучиво во насока на успех на референдумот, користи подеднакво навредувачки јазик и етикети за сите кои неговата, во најмала рака, чудна порака ја доживеаа како облик на (суптилно?) застрашување.

Чудно е што истиот мој стар професор не виде организиран бојкот во 2004 година, кога владата беше таа која организирано вршеше притисоци за да пропадне референдумот и граѓаните да не излезат на гласање. Таа користеше државни пари за рекламни билборди и пораки во медиумите, премиерот Костов јавно упати порака дека е подобро да си седиме дома и да гледаме шпански серии (тогаш не беа стасале турските серии). Не’ етикетираа зошто покренавме референдумско изјаснување за веќе донесен закон со кој се нацртаа етнички општински граници, бевме истите „Јавачи на апокалипсата“, луѓе кои не ѝ мислат добро на земјата, антизападни елементи итн.

Е сега нештата се сменија! Веројатно и самата Шарена револуција, нејзиното хоризонтално организирање и начин да дјествување сега влијаеше на појава на исто такво хоризонтално движење без лидер и јасна структура да поттикне масовна реакција во врска со референдумот. Насилство или спречување на активностите на референдумот нема, освен оние кои се доволени со закон – три претставки пред Уставниот суд чекаат на одговор.

Професорот Камбовски не гледа зло, не слуша за злото, не говори за злото – сторено со флагрантно кршење на уставот и законите на оваа земја од почетокот, потпишувањето на Преспанскиот договор, до одлуката за распишување референдум. Во стравот се големи очите, па гледа опасност референдумот да пропадне, а со тоа и неговата и позицијата на МАНУ во однос на промената на името и Уставот на Република Македонија.

Ако сум јас на страна на апокалипсата, на која страна е Камбовски? За кого бие камбаната? Како негов бивш студент и од него и од другите научив што е устав и закон, изгледа премногу добро – зошто тешко се снаоѓам со луѓе кои ме убедуваат дека црното е бело и дека политиката има предност пред правото“ пишува Ванковска на ФБ.

За Камбовски, тие што реагираа на неговиот став за бојкот на референдумот се „јавачи на Апокалипсата“

 

SHARE