Ванковска до Фрчкоски: И една нова запирка во Уставот е противуставност

Менување на само една запирка во Уставот значи дека е прекршена правната процедура, вели во својот коментар за денешна „Нова Македонија“ професорката Билјана Ванковска во врска со предлозите на Љубомир Фрчкоски.

„Решителноста на оваа влада да го смени името на државата во замена за брзо членство во НАТО е несомнена. Иако пред себе го има најлошиот предлог од сите претходни, таа покажува неверојатен оптимизам пред она од што би се исплашила и повлекла секоја друга власт, затоа што не станува збор за стандардно политичко или надворешно-политичко прашање, туку за прашање од највисок национален и историски интерес.

Токму поради ова, на власта ѝ треба легитимација која ќе ја добие од (одредени) експертски и/или академски кругови. Во таа смисла, професорот Фрчкоски се надминува себе си со „креативните“ толкувања на Уставот, чиј наводен автор бил (sic!?). А и просечен студент на право знае дека „авторски права“ врз устав може да има само законодавниот дом, претставничкото тело на граѓаните.

Уставот е општествениот договор врз основа на кој се воспоставува политичка заедница, во вид на држава. Неверојатната леснотија со која Фрчкоски објаснува дека „нема ништо лошо да се случи“ ако во одреден временски период се смени „насловот на уставот“ е тешко да се коментира од научен аспект, бидејќи станува збор за политикантска и пропагандистичка теза.

Прво, уставите немаат „наслов“ (ниту насловна страница) – тие се повелба на суштествените односи во државата, особено оние помеѓу човековите права и политичката власт, и помеѓу носителите на политичката власт, чии рамки ги детерминира токму уставот. Второ, промена и на една запирка во тој текст значи отворање на постапка за промена на устав, за што на крајот е потребно двотретинско мнозинство. Трето, прифаќање на „временска рамка“ за промена на уставот (поточно, уставното име) е само еуфемизам за една одложена „смрт“, и ако се прифати ваквото барање на Грција, тоа не е ништо друго туку подлегнување под надворешен притисок кој е рамен на мешање во внатрешните работи на една суверена држава.

Но, Фрчкоски одамна зборува дека РМ нема класичен, туку (некаков) „мек суверенитет“ – па, затоа веројатно му се чини дека тој инвалиден суверенитет може да стане уште помек, т.е. дека е аморфен во таа мерка што може да се моделира согласно надворешно-политичките приоритети или барања.

Доколку се прифати вакво одложено менување на уставот, тоа значи дека оваа генерација политичари им го одзема сувереното право на идните генерации да одлучуваат за тоа во каква уставна заедница сакаат да живеат. Тие такво право немаат!”, вели Ванковска за идеите на професорот Фрчковски.

 

1 Коментар

Оставете Коментар