Ванковска: Медиумска абракадабра за чин на брутално убиство

Професорката Билјана Ванковска со прецизна анализа на однесувањето на новинарите при известувањето за убиството на Никола Саздовски.

“Каков спин и пропаганда е ова кога медиумската дебата по повод убиството на Никола Саздовски се свртува кон говорот на омраза и интернетот! За убиството, како реален чин на физичко насилство – ни збор!

Можеби грешам, ама мене ми се чини дека се настојува еден конкретен чин на убиство да се толкува како последица на говор на омраза, и тоа на социјалните мрежи”, вели Ванковска која смета дека притоа, новинарите – токму оние кои до вчера бараа правна и политичка одговорност по повод убиството на Мартин Нешковски – сега себе се прикажуваат како жртви (ги навредувале како соросоиди, предавници, и сл.).

Професорката вели дека ако убиството на детево среде бел ден било последица на говор на омраза по интернет, тогаш не чувме ни збор за некој доказ или индикација за тоа!

“Накусо, овде се прави медиумска абракадабра за да чин на брутално убиство, за кое институциите потфрлија и потфрлаат, се смести во некаква општа и неопределена „дебата“!

Да, говорот на омраза е сериозен проблем, и е сериозна индикација дека нешто е МНОГУ лошо во општеството, но овде се врти како „киша око Крагујевца“ само и само да се деперсонализира чинот кој ја вознемири македонската јавност, а да излезе дека медиумите се одговорни и реагираат!

Нивната политичка папочна врска со центрите на моќ е повеќе од видлива, бидејќи наместо да бараат одговорност и од сторители, и од институции кои забошотуваат, тие глумат дебата – и тоа на погрешна тема!

Навистина е иритирачко колку многу труд вложија или да не го спомнат убиеното момче, само и само затоа што не им одговара профилот (комита, необразован, близок до „тврдокорните“ и слично) – профил кој патем и самите го поддржуваат.

Ниту еден медиум не се обиде да направи истражувачка сторија, да ги прикаже елементите на делото, ликот на убиениот – зошто без емпатија, нема ни да има превенција!

Ова е толку безобразно забошотување, неговорење за јажето во куќата на обесениот, што влијае обратно! Влијае кон јакнење на чувството на дискриминација, селекција, неправда…”, заклучува Ванковска.

SHARE

Comments are closed.