Професорката Билјана Ванковска го посети вечното почивалиште на Јане Сандански кај Роженски манастир во Бугарија и на својот профил на „Фејсбук“ се праша што би рекол македонскиот револуционер да може да нè види.

„Да живееш значи да се бориш: робот за слободата, а слободниот за совршенство.
Оваа мисла е запишана на гробот на Јане Сандански. И се мислам, што би рекол Јане да може да нè види како слободен народ кој не само што не се стреми кон совршенство, туку чини сè да ја изгуби слободата да биде тоа што е?!
Нашиве прогресивци гледаат совршенство во воена алијанса и сојузништво со нации кои водат империјални војни за профит. И кога ќе им го кажеш тоа, како мали деца врескаат: овие се проруски и антизападни елементи!!!
А целата работа е во тоа да бидеш ПРОЧОВЕЧКИ настроен, да го осудиш злото од каде и да доаѓа.
Историјата го запомнила Јане, како и Гоце и Даме… По што и по кого ќе нè паметат идните генерации? Можеби и ќе нè заборават…“, напиша Ванковска.

Под нејзиниот пост прокоментира македонскиот невроимунолог од светски глас Горазд Росоклија:

„Во македонската политика инфериорните личности со ропски менталитет не знаат за друг вид на однос од ропство. Ропска понизност и податност кон господарот, компензирани со безобѕирност и бруталност кон народот. Таквите својата инфериорност ја проектираат врз сите и за нив секаков друг однос освен опишаниот е несфатлив. А ти Билјана сакаш да разберат и да прифатат дека ти, за себе и за својот народ, бараш партнерство со светот, а не улога на субјект-роб?“, праша професорот на Универзитет „Колумбија“ во Њујорк и член на Македонска академија на науките и уметностите (МАНУ) надвор од работниот состав.

 

SHARE