Со победа над стариот ривал ППД Загреб во финалето на седмиот завршен турнир од СЕХА-лига вечерва од 20:15 часот во СЦ „Јане Сандански“, ракометарите на Вардар би станале првата екипа со четири трофеи во регионалното клупско натпреварување.

„Чувствувам дека Загреб би имал шанса за титулата ако ние не одиграме најдобро што можеме. Домагој Павловиќ му даде целосно нова димензија на нивниот тим, тие се многу посилни кога тој е на теренот, па ќе треба дополнително да се фокусираме на него, бидејќи тој може да биде многу опасен. Ние сме фаворити најмногу поради нашите навивачо, но ќе треба тоа да го докажеме и на теренот“, порача вардаровиот голман Арпад Штербик, најкорисниот играч на полуфиналната средба со Мешков Брест, кога забележа 20 успешни интервенции.

Повторување на успехот од 2012, 2014 и 2017 година би било и посакуван вовед во многу позначајниот нареден викенд за европскиот, регионален и македонски шампион, кој на 22 април му гостува на трикратниот европски шампион Кил во првиот натпревар од четвртфиналето на Лигата на шампионите.

Вардар и двократниот освојувач ППД Загреб се двете единствени екипи во СЕХА-лига со учество на сите седум досегашни финални турнири, а „црвено-црните“ се поуспешни во меѓусебните дуели. Вардарци беа поуспешни во полуфиналните пресметки во 2012 година (30:29), во 2014. (30:22), во 2016. (28:26) и во 2017. (36:28), а загрепчани во мечот за третото место во 2015. (26:23), но и во финалето на вториот фајналфор во Скопје во 2013 година, кога Хрватите славеа со 25:24 по продолженијата.

Токму тој неуспех во единствениот меѓусебен судир за трофејот во СЕХА е предупредување за домаќинот на турнирот, иако беше подобар од ривалот и во двете средби од основниот дел, кога во Загреб славеше со 25:24, а во Скопје со 30:23.

„Ние сме големи фаворити за титулата, но кога имате таков товар на плеќите често знае негативно да ви влијае. Сигурен сум дека го имаме тоа што треба за нов трофеј, но сето тоа нема да значи ништо ако не испорачаме најдобра можна изведба. Павловиќ е клучниот играч на Загреб, тој ја крева нивната игра, па ќе се обидеме да го запреме, иако тоа е полесно да се каже, отколку да се направи“, смета првиот стрелец на Вардар против Белорусите, Лука Циндриќ, кој тогаш постигна шест гола од седум обиди и додаде четири асистенции.

Составот на Раул Гонзалес е фаворит не само поради поддршката од своите навивачи, туку и врз основа на полуфиналните резултати: Вардар го декласира Мешков Брест со 33:24, а ППД Загреб беше подобар со 29:28 во трилерот со Целје.

 

SHARE