Без суспендираниот Вуко Борозан и по нерешените 14:14 во првото полувреме, ракометарите на Вардар „експлодираа“ во вториот дел против Мешков Брест и славеа со убедливи 30:23 во увертирата за дербито со Барселона на 11 ноември во Скопје.

Петтата победа во шестиот натпревар сезонава во Лигата на шампионите ѝ стави крај на серијата од три порази, од кои два во СЕХА-лига (во Брест и во Загреб) и еден во ЛШ во Кјељце, враќајќи ја позитивната атмосфера во црвено-црниот табор.

За неа се погрижи средниот бек Игор Карачиќ, кој со своите рекордни 11 гола на еден меч во досегашните осум сезони во најсилното клупско натпреварување го разбуди европскиот првак од минатата година и го врати на победничките патеки.

По стегнатото прво полувреме, во кое гостите од Белорусија имаа и два гола предност, токму 30-годишниот Хрват го инспирира македонскиот шампион за серијата од 5:0 и веќе недостижното водство од 25:19.

Иван Чупиќ и Тимур Дибиров вградија по шест погодоци во враќањето на долгот на ривалот што ги декласира вардарци со 35:20 на свој терен во регионалната лига.

Единаесет успешни интервенции имаше голманот Гедбан Калифа, а Германецот Дисингер не се запиша во листата на стрелците во своето деби во вардаровиот дрес.

Најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров со шест гола беше најефикасен во триумфот на европскиот вицешампион Нант од 23:20 на свој терен против Загреб.

 

SHARE

Оставете Коментар