Ракометарите на Вардар го совладаа Кјељце со 28:27 во десеттото коло од Лигата на шампионите, му вратија на полскиот првак за приемот во Полска, кога го претрпеа првиот пораз сезонава од 31:27, и се искачија на второто место во групата А.

Таму и ќе останат до крајот на паузата поради Светското првенство со 13 бода, три помалку од водечката Барселона, која утре ќе го пречека Мешков Брест, а еден повеќе од Кјељце и од Рајн Некар Левен, кој вечерва славеше во Кристијанстад со 32:27.

Токму реваншот со „лавовите“ во Манхајм на 6 февруари е следниот настап на европскиот клупски првак од минатата година.

Силно мотивирани од тоа што им се случи на 14 октомври во Кјељце, „црвено-црните“ маршираа во првото полувреме од дербито во „Јане Сандански“, кое го добија со 14:11, а во два наврата имаа и максимални пет гола позитива (12:7 и 14:9).

Предност од пет погодоци имаа вардарци и во вториот дел, но во завршницата му дозволија на противникот да намали на 26:25, пред голманот Калифа Гедбан да го одбрани клулчниот удар при водство од 28:26 и да го обезбеди шестиот триумф.

Даинис Криштопанс со пет гола беше најефикасен во тимот на Роберто Парондо, Стас Скубе заврши со 4/4, а голманот Дејан Милосављев запиша 11 успешни интервенции.

Од ексвардарците во редовите на Кјељце, Алекс Душебаев постигнса пет погодоци, а Лука Циндриќ три.

 

SHARE

Оставете Коментар