Вардар не се шегува – скротени и „лавовите“ од Манхајм!

Стартот од соништата на ракометарите на Вардар во Лигата на шампионите сезонава продолжи со триумфот и над Рајн Некар Левен од 29:27 во арената „Јане Сандански“ за четири од четири на европскиот клупски првак од минатата година.

Гостите од Германија беа подобри во првото полувреме, кое го добија со 15:13, а водеа и со 15:11, но со пет гола без одговор потоа „црвено-црните“ стигнаа до прва предност на натпреварот.

По последното водство на Рајн Некар од 21:20, пак, тимот на Парондо ја врати контролата врз резултатот и не ја испушти до крајот, пред кој имаше и максимална позитива од 27:24.

Тимур Дибиров со 8/9 беше прва виолина во вардаровиот напад, а по четири пати противничкиот гол го погодија Вуко Борозан и Игор Карачиќ. Немања Милосављев одново имаше брилијатни моменти на голот, завршувајќи го мечот со 11 успешни интервенции.

Македонскиот репрезентативец Филип Талески го реализира единствениот удар кон голот на македонскиот шампион, а најефикасен од неговите соиграчи беше Исланѓанецот Александар Петерсон со 7/10.

Деветтата победа сезонава, вклучувајќи ги и петте во СЕХА-лига, ги зацврсти вардарци на врвот во групата А од ЛШ со максимални осум бода, два повеќе од Барселона и од Кјељце, на кој му гостуваат во следното коло на 14 октомври.

 

SHARE