Вардар преку Монпелје до финалето на Лига на шампиони

Монпелје ќе биде последната пречка за бранителот на титулата Вардар до финалето на ракометната Лига на шампионите, одреди ждрепката во Келн, која во другата полуфинална двојка ги смести европскиот вицепрвак Пари Сен Жермен и Нант со капитенот на македонската репрезентација Кирил Лазаров.

„Имав некое чудно чувство дека ќе добиеме француска екипа, не знам зошто“, се пошегува вардаровиот капитен Стојанче Стоилов со фактот дека првпат на завршниот турнир од ЛШ три од четирите учесници се од една земја.

„Минатата година бевме утсајдери и беше прекрасно, но сега ја браниме титулата и ситуацијата е малку поинаква. Имаме привилегија и мораме да го браниме трофејот. Искрено, пред ждрепката немав посебна желба, сите кои се тука имаат 25 отсто шанси да триумфираат на крајот. Реално, сите учесници на фајналфорот имаат шанса за пехарот“, додаде пикерот на „црвено-црните“, кој во понеделникот наполни 31 година.

Иако станува збор за единствениот учесник на завршниот турнир што покрај Вардар бил европски шампион, Монпелје барем на хартија беше аутсајдер пред извлекувањето на двојките како тим што ја почна ЛШ од долниот групен сегмент, во кој два пати беше подобар од Металург во групата Д.

Но, клупскиот првак на стариот континент од 2003 година потоа го елиминира Адемар Леон (28:24 и 20:19), а посебно импресивен беше против бившите европски прваци Барселона (28:25 и 28:30) во осминафиналето и со Флензбург (28:28 и 29:17) во четвртфиналето.

„Сега треба добро да се анализира Монпелје. Ги гледав нивните натпревари сезонава, но само како обичен гледач. Следува анализа на тоа што го играат. Имаат различна екипа од порано, играат со многу самодоверба и, бидејќи ова е голем успех за нив, сигурно ќе бидат мотивирани. Ние се подготвуваме како и за секој противник. Има време за сè, не сакам ништо да прогнозирам, ниту да анализирам сега. Го знаеме противникот и сега ќе се фокусираме на тоа“, изјави тренерот Раул Гонзалес.

Полуфиналните средби се на 26 мај од 15:15 часот и од 18 ч., а следниот ден во тие термини ќе се одиграат малото финале и подоцна мечот за европската круна.

 

Оставете Коментар